Главниот советник за наука на американскиот претседател Џозеф Бајден, Ерик Ландер, поднесе оставка по извештаите за вознемирување на подредени лица.
Оставката следуваше и покрај првичното инсистирање на Белата куќа, Ландер да остане на својата позиција и да примени корективни мерки во обид да обезбеди подобра работна средина во американската Канцеларија за наука и технологија, пренесува порталот „Политико“.
–За мене беше голема чест да служам како ваш советник за наука и да работам со моите исклучително талентирани колеги во Канцеларијата за наука и технологија (OSTP), напиша Ландер во писмото со оставка до претседателот.
Тој додаде дека неговата оставка ќе стапи во сила најдоцна до 18 февруари за да се овозможи правилен трансфер.
– Погоден сум од болката што им ја нанесов на моите поранешни и сегашни колеги со начинот на кој зборував со нив, додава тој во писмото.