Советникот на Спасовски нема да одговара пред законот

Советникот на министерот Оливер Спасовски, Драган Симоновски, кој на 9 март беше уапсен под сомнение дека прибавил строго доверлива службена тајна и ја споделил со лице против кое се води истрага, е ослободен од обвинение.

Основно јавно обвинителство минатата недела ја отфрлило кривичната пријава за Симоновски, со образложение дека доказите во предистражната постапка не упатуваат на сторено кривично дело.

Драган Симоновски

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје спроведе детална предистражна постапка во предметот за кој покажувате интерес. Јавниот обвинител минатата недела донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава, со оглед на тоа што од обезбедените вербални и материјални докази во рамки на предистражната постапка, не се потврдија основите на сомнение за сторено кривично дело. Основа за проверка беа приложените докази кон кривичната пријава, сите проверки беа направени и тие основи од кривично-правен аспект не се потврдија. Донесеното решение се’ уште не е правосилно, посочија за „Нетпрес“ од Обвинителство.

За причините на апсењето на Симоновски, во медиумите се пишуваше дека тој во февруари годинава се сретнал со лекарка во една болница за да и каже дека полицијата ги следи сите нејзини телефонски броеви. Ја предупредил да биде внимателна и да престане да го прави тоа што го прави, бидејќи може да се засилат мерките против неа и да ја следи агент.

Министерството за внатрешни работи против него поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба.

Очекувам многу скоро, во законски утврдена постапка, сомнежот да биде потврден или отфрлен. Оддавање на службена тајна, загрозување и наштетување на кривична истрага се кривични дела, посочи тогаш министерот за внатрешни работи, Оливер  Спасовски.

Од Обвинителството на осомничениот му беа изречени мерки на претпазливост.