Советот на амбасадори го отфрла Меморандумот од Бугарија

Советот на амбасадори на Република Северна Македонија го смета за целосно неприфатлив и штетен за добрососедските односи текстот на објаснувачкиот меморандум на Бугарија упатен до членките на ЕУ.

– Тој содржи една идеолошка позиција на Република Бугарија од времето на комунизмот во времето на Тодор Живков и од таа позиција се обвинува денешна Република Северна Македонија дека „не раскинала со идеолошкото наследство на комунистичка Југославија“.

Владите на Република Бугарија и Република Северна Македонија со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство направија голем исчекор во подобрувањето на односите меѓу двете земји и ги поставија основите за успешна взаемна соработка врз основа на почитувањето на европските вредности и цели. Европските вредности и цели не подразбираат негирање на посебноста на кој било јазик ниту националност во ЕУ, ниту пак инсистирањето на таквото негирање од било кој сосед, може да биде пречка за напредокот на Македонија во процесот на нејзиното зачленување во ЕУ, се наведува во денешното соопштение.

Советот на амбасадори е уверен дека земјите членки на ЕУ ќе го разгледаат внимателно објаснувачкиот меморандум од Бугарија и оти нема да дозволат ваквите идеолошки позиции да влијаат врз преговарачката рамка на ЕУ за членство на Северна Македонија во ЕУ и врз процесот за нејзиното целосно вклучување во ЕУ.

Советот на мабасадори оценува дека различните интерпретации на историјата и на постанокот на јазикот и на нацијата се делокруг од работата на Комисијата за историски прашања и оти секој обид, од чија било страна политички да се арбитрира во нејзината работа, само ја усложува и отежнува нејзината работа.

– Различните историски интерпретации и кога постојат не можат да се толкуваат како еднострано “фалсификување на историјата“ и како „опстојување во Република Северна Македонија на „државна антибугарска идеологија“. Република Северна Македонија докажа и докажува дека се однесува најпријателски кон бугарскиот народ и кон Република Бугарија и искажува големо  почитување кон бугарскиот јазик, бугарската национална култура и кон бугарската национална историја. Република Северна Македонија од  Република Бугарија не очекува ништо помалку ниту ништо повеќе од тоа, велат од Советот на амбасадори