
Советот за надворешни работи на Европската унија ја закажа за 20. јуни својата последна седница пред Самитот на Европскиот совет на која расправата за состојбата во Република Македонија е ставена како главна точка, а не под точка „разно“ како што беше претходно планирано. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, по предлог на Сојузна Република Германија и Велика Британија ќе расправаат и дадат препорака во вид на заклучок за ситуацијата во Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ.
Вчера и официјално е одложен Самитот на Европскиот совет, кој наместо во четврток и петок (23 и 24 јуни) како и секогаш, овојпат ќе се одржи на 28 и 29 јуни (вторник и среда) во Брисел, поради тоа што идната недела се одржува референдумот за излез на Обединетото Кралство од Европската унија, па шефовите на држави и влади на ЕУ-земјите ќе го чекаат исходот од него пред да се сретнат. Но, и покрај ова одложување, холандското претседатество со Унијата одлучи Советот за надворешни работи да не биде два дена пред Самитот на ЕС, како што е секогаш случај, па го закажа за понеделник (20. јуни) во Луксембург, како што беше и одамна планирано.
Инаку, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ ќе расправаат за Македонија како централна точка на Советот, покрај дискусијата за мировниот процес на Блискиот Исток, состојбата во Сахел, интегрираната ЕУ-политика за Арктикот и тренинг-мисијата за безбедносните сили во Либија.