Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа привремен договор за Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА), кој ќе претставува нова регулатива за заштита на медиумските слобода и плурализам и уредувачката независност во Унијата.
ЕМФА треба да воспостави заедничка рамка за медиумските услуги во ЕУ и да воспостави мерки насочени кон заштита на новинарите и медиумите од политичко мешање и истовремено да го олесни нивното работење во Унијата.
Новите правила, исто така, го гарантираат правото на граѓаните на пристап до бесплатни информации од повеќе извори и ја дефинираат одговорноста на земјите членки на ЕУ да обезбедат соодветни услови и рамка за нивна заштита.
Шпанскиот министер за култура Ернест Уртасун и Доменек изјави дека е невозможно постоење на демократијата без слобода, независност и плуралност на медиумите.
– Договорот ја потврдува позицијата на ЕУ како светски лидер во заштитата на новинарите, гарантирањето на независноста на медиумите и обезбедувањето пристап на граѓаните до широк и разновиден опсег на веродостојни извори на вести, нагласи тој.
Предложената регулатива е резултат на зголемената загриженост во ЕУ за политизацијата на медиумите и недостигот на транспарентност околу нивната сопственичка структура и распределбата на државни средства за медиумско рекламирање.
Законот се обидува да воспостави заштитни мерки за борба против политичкото мешање во уредувачката политика и во приватните и во јавните медиуми, да ги заштити новинарите и нивните извори на информации и да ги гарантира медиумските слобода и плурализам.
ЕМФА ги опфаќа одредбите од Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги (АВМСД) од 2018 година, кои се проширени со норми наменети за радиото и печатот.
Законот предвидува воспоставување на Независен европски комитет за медиумски услуги, кој треба да ја замени Групата на европски регулатори за аудиовизуелни медиумски услуги (ЕРГА), формирана според АВМСД.
Независен европски комитет за медиумски услуги ќе биде составен од претставници на националните медиумски регулатори на земјите членки и ќе има задача „да ја советува и поддржува“ Европската Комисија за доследна примена на клучните одредби од новиот закон.