Советот на Европа со апел до владите да ги заштитат новинарите и независното новинарство

Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, ги повика владите на државите-членки да покажат посилна политичка волја за заштита на новинарите и независното новинарство со цел да се запре влошувањето на слободата на медиумите во Европа.

– Слободата на медиумите е клучен столб на нашите демократии што премногу често се зема за здраво за готово. Почитувањето на слободата на медиумите опаѓа во многу земји. Во последниве години, бевме сведоци на зголемување на случаите на насилство и заплашување на новинарите – се наведува во соопштението на СЕ по повод Светскиот ден на слободата на медиуимите – 3 мај.

СЕ истакнува дека за време на пандемијата Ковид-19 има зголемување на извештаите за насилство врз новинари, како и за цензури и репресии. Исто така се наведува дека медиумите се соочиле со сериозни економски предизвици и многу новинарите останале без работа поради пандемијата.

– Време е да се запомни дека државите се должни да обезбедат услови новинарите да ја извршуваат својата работа без насилство и заплашување и да ја исполнат улогата на јавен чувар, што вклучува одговорност на јавните власти за одлуки и активности – нагласи Пејчиновиќ Буриќ.

Според неа, СЕ е подготвен да ги поддржи земјите-членки во создавање и негување на средина во која плуралните, разновидни и независни медиуми можат да ја играат својата улога и да придонесат за зајакнување на демократиите.