Советот на Град Скопје на вонредна седница денеска ја изгласа предлог одлуката за изменување на буџетот за субвенции за Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје од 440 милиони денари на 550 милиони денари, со коj претпријатието ќе добие зголемување на субвенциите во износ од 110 милиони денари.
По гласање на оправданоста за свикувањето на седницата, Советот даде два пати пауза поради отсуството на gрадоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и продолжи по нејзиното појавување на оваа вонредна седница.
Советниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинија дека парите се трошат непринципиелно, со оглед на ситуацијата со јавниот превоз, при тоа обвинувајќи дека јавниот превоз се наоѓа во хаос токму поради тоа.
Директорот на ЈСП, Крсте Петрески, информирајќи за ситуацијата во претпријатието рече дека во моментов се располага со 326 автобуси од кои секој ден од 250 до 280 се во функција.
Советникот од редовите на истата коалиција, Малиша Станковиќ, рече дека досега на претпријатието му се доделени 440 милиони само за потешкотии на работење, како и дополнителните до сега има добиено над 600 милиони денари од Буџетот на Град Скопје.
-И сега се бараат дополнителни 110 милиони. Средства давани на ЈСП Скопје се средства од Буџетот кој граѓаните го полнат и треба да се однесуваме одговорно. Кога дадовме субвенции се велеше ќе тргне работата, а се бараат само дополнителни средства и со овие пари сега нема да се надминат проблемите или прашањето е до кога ќе нема одговорност. Не велам дека вработените не треба да земат плата, ние го кривиме неспособното раководство во ЈСП, како и Градот Скопје и градоначалничката бидејќи нема визија како да го подобрат јавниот превоз, рече Станковиќ.
Градоначалничката Арсовска, од друга страна, истакна дека токму поради блокадите на советниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се случуваат сите препреки и дека, како што кажа, токму поради нив, постигнати се само 250 проекти и покрај бројните опструкции од нивна страна, наместо можните 400 проекти. Таа ги повика нив, ако се опозиција, да дадат оставка сите членови по управните одбори во јавните претпријатија и во училиштата кои добиваат средства од градскиот буџет.
-Вие сте власт во Град Скопје, вие сте причината зошто најголемиот дел од проектите коишто досега ќе беа пет пати реализирани, не се реализирани. Вие сте причината што во овој град на никого не му е подобро до сега, затоа што јас како еден човек, не можам се да направам сама кога вие се блокирате, и тоа им е на сите јасно, рече Арсовска.
Таа исто така го обвини претседателот на Советот, Трајко Славески, дека фалсификувал потписи за присуство на советниците од неговата партија, за коешто Славески најави дека градоначалничката Арсовска ќе добие тужба за клевета.