Советот за безбедност на ОН ја отфрли руската резолуција за спречување трка во вооружување во вселената, Небензја го предупреди Западот

Советот за безбедност при Обединетите нации не ја усвои нацрт-резолуција за спречување на трка во вооружување во вселената која ја поднесе Русија, чиј постојан преставник во светската организација Василиј Небензја предупреди дека позицијата на Западот предводен од САД за отфрлање на резулуцијата ќе изнуди соодветени потези на Москва.

Иницијативата не ги доби потребните девет гласа од 15-те на постојаните и повремени членки на Советот за безбедност. Ја поддржаа седум земји – Русија, Кина, Алжир, Гвајана, Еквадор, Мозамбик и Сиера Леоне, а се спротивставија САД, Франција, Велика Британија, Јапонија, Словенија, Република Кореја и Малта, додека Швајцарија беше воздржана.

Русија ја предложи нацрт-резолуцијата на почетокот од мај. Во документот, меѓу другото, се повикуваат сите држави да преземат итни мерки за трајно да го спречат поставувањето оружје во вселената. Во неа се наведуваат дејствија кои би спречиле употреба на сила во вселената, од вселената кон Земјата и од Земјата во однос на објектите во вселената.

Дополнително, резолуцијата зборуваше за потребата преку преговори да се бара брз развој на соодветни мултилатерални договори кои се веродостојно проверливи и правно обврзувачки. Документот, исто така, ја потврдува обврската на сите страни во Договорот за вселената целосно да го почитуваат овој договор, вклучително и да не поставуваат во орбитата околу Земјата какви и да се објекти што носат нуклеарно или друго оружје за масовно уништување. Покрај тоа, беше наведено и дека државите не треба да инсталираат такво оружје на небесните тела или да го поставуваат во вселената на кој и да е друг начин.

Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, коментирајќи ги резултатите од гласањето, истакна дека Западот ја „потврдил својата намера да продолжи да ја милитаризира вселената“. Според него, таквиот чекор ќе бара анализа и одговор од Москва, но таа ќе остане посветена на своите обврски.

„Денешното гласање е пораз за сите оние коишто, како Русија, се обидуваат да го избегнат ширењето на конфронтацијата во ниската орбита на Земјата. Се разбира, сегашната ситуација ќе бара анализа и чекори за одговор од наша страна. Истовремено, Русија ќе остане посветена на своите обврски во вселената во согласност со меѓународното право“, рече Небензја.

Рускиот дипломат истакна дека Москва „постојано ги потврдуваше и ги потврдува“ своите обврски во оваа област. Русија ќе продолжи да биде активна и ќе вложи максимални напори за одржување на мирот во вселената, „и покрај агресивниот став на САД и нивните сојузници“, заклучи Небензја.