Советот за безбедност на ОН конечно донесе резолуција која бара итен прекин на огнот во Газа

Советот за безбедност на Обединетите нации во понеделникот побара итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас и итно и безусловно ослободување на сите заложници, откако САД се воздржаа од гласањето. Останатите 14 членки на Советот за безбедност при светската организација гласаа за одлуката предложена од десетте непостојани членови на тоа тело.

Ова е првпат, по повеќе од пет месеци војна во Појасот Газа, Советот за безбедност на ОН конечно да усвои резолуција со која се повикува на „итен прекин на огнот“. Вашингтон претходно ја отфрлаше формулацијата „прекин на огнот“ во досегашениот тек на војната во Појасот Газа и досега го користеше правото на вето за да го заштити американскиот сојузник Израел кој тврди дека води војна против милитантите на Хамас.

Но, со зголемениот глобален притисок за примирје во војната во која загинаа повеќе од 32.000 Палестинци од кои третина се деца, САД се воздржаа од гласањето во понеделникот за да му дозволат на Советот за безбедност конечно да побара итен прекин на огнот за време на светиот исламски месец на постот Рамазан, кој завршува за две седмици.

Исто така, резолуцијата бара итно и безусловно ослободување на сите заложници. Според Израел, Хамас зел 253 заложници за време на нападот на 7-ми октомври во кој загинаа 1.200 луѓе, од кои околу 900 цивили на различна возраст.

Резолуцијата на Советот за безбедност, исто така, „ја нагласува итната потреба за зголемување на протокот на хуманитарна помош и зајакнување на заштитата на цивилите низ Појасот Газа и го повторува барањето за отстранување на сите пречки за испорака на хуманитарна помош од големи размери“.

„Пет месеци палестинскиот народ ужасно страда. Ова крвопролевање трае предолго. Наша обврска е да ставиме крај на тоа. Конечно, Советот за безбедност го презеде својот дел од одговорноста“, го поздрави усвојувањето на резолуцијата алжирскиот амбасадор во ОН, Амар Бендјама.

Израелското армиско радио непосредно пред почетокот на состанокот на Советот објави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ја откаже планираната делегација во Вашингтон доколку САД повторно не стават вето на резолуцијата.