Советот за етика во медиумите ги награди најдобрите новинарски стории

Прилог објавен во емисијата „360 степени“ на Алсат-М телевизија, серијал текстови посветени на условите во македонските затвори објавени од МИА и краток документарен филм објавен на платформата „Види вака“ се трите наградени новинарски стории од сферата на општеството, социјалниот живот, со фокус на унапредување на човековите права и промовирање на правата на социјално ранливите и маргинализираните групи граѓани, кои традиционално ги доделува Советот за етика на медиуми во Македонија.

Првата награда ја доби авторот Хекуран Аќифи, за прилог со наслов „Во пресрет на денот на белиот стап-дали сме хумано општество само на хартија“ објавен во „360 степени“. Второнаградени се новинарите од МИА, Ана Цветковска Торомановска и Борис Куноски за серијалот текстови кои се однесуваат на условите во затворите и притворското одделение во Шутка, корупцијата во затворите и прашањето околу ресоцијализацијата на затворениците.

Третата награда ја добија Александар Манасиев и Мирко Трајановски за краткиот документарен филм со наслов „Собирачи“, објавен на платформата „Види вака“.

Беа доделени и три пофалници, Никола Здравковиќ доби пофалница за прилогот „Кој и како ја донесе моќната „Економија“ до питачки стап има ли надеж да се врати на стариот пат“, објавен во рамки на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат М.

Весна Ивановска доби пофалница за приказната „Наставникот од Свети Николе и неговиот ученик со аутизам: Би лажел ако речам дека е лесно, но е голема привилегија-јас учам од него“ објавена на порталот www.fakulteti.mk.

Анета Ристевска, Маја Раванска и Јане Стефанов добија пофалници за сториите објавени во списанието објавени „Лице в лице“. Се работи за новинарските приказни „Бегалци во сопствента земја“, на Ристеска, „Списание по списание куќа“ на Раванска и „Падобранци со посебни предизвици“ на Стефанов.

На конкурсот се пријавиле 62 стории од различни новинарски форми и жанрови од вкупно 35 автори. Од пријавените новинарски стории 28 биле објавени на интернет портали, 10 во печатени медиуми, 13 на телевизија, осум на радио и три на други медиумски платформи.