Советот за општи работи на ЕУ ја одобри Одлуката за макрофинансиска помош за Македонија

Одлуката за обезбедување макрофинансиска помош за Северна Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина, е една од точките на дневниот ред на денешната седница на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ во Брисел.

Предлог-одлуката, усвоена од страна на Европската комисија на 6 февруари годинава, претходно беше одобрена и од Европскиот парламент на 13 јуни, а минатата среда и од Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската унија (КОРЕПЕР).

Во предлогот на Европската комисија се посочува дека економијата на земјава, која ги започна пристапните преговори со Унијата на 19 јули 2022 година, беше значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, како и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби.

„Владата на Северна Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото“, се наведува во предлогот.