ЈСП искри отсекаде: После тендер „за одржување“, се инсталираат нови валидатори и нов соофтвер

Проблемите со кои се соочува Јавното сообраќајно претпријатие, а кои пак несомнено влијаат на квалитетот на услугите кои им се даваат на граѓаните, се чини дека се далеку од вистинско решение. Стар возен парк, чести дефекти, недоволен број на автобуси, но и шофери. Во целиот тој хаос, имаше тврдења и од вработени дека дури во сообраќај се пуштаат и неисправни автобуси, но раководството на ова претпријатие демантираше дека тоа не е точно.
Друг проблем со кој се соочија граѓаните е нефункционалноста на валидаторите во возилата на ЈСП, систем кој функционираше од 2014 година, имплементиран од компанијата „Маргенто“ од Словенија.
Договорот на „Маргенто“ со ЈСП Скопје е завршен, а, ЈСП, преку јавна набавка, во која предмет е само одржување на постојната опрема, избира нов понудувач, кој наместо само одржување на системот, сега во автобусите инсталира нови валидатори и нов софтвер.

Од ЈСП, претходно појаснија дека е во тек надградба на Системот за автоматска локација на возила и електронска наплата во автобусите на ЈСП и приватните превозници, согласно договорот со конзорциумот, софтверската компанија „Аитоникс“ – Македонија.

„Поради оваа причина новите валидатори се во моментов заштитени, бидејќи сè уште не се во функција, а со цел да се заштитат до моментот додека не се заврши втората фаза во сите автобуси“.

Договорот на „Маргенто“ со ЈСП Скопје завршил на 31.01.2024 година, но, според информациите на спроведената јавна набавка на ЈСП во која е избрана „Аитоникс“, предмет не е набавка и испорака на валидатори, туку само одржување на постојната опрема.

Јавната набавка не вклучувала ниту број на хардверска опрема, техничка спецификација, монтажа, ниту пак имплементација на нов систем (софтвер) на евентуална нова хардверска опрема.

Оттаму, се поставува прашањето, на која правна основа, во автобусите на ЈСП се инсталираат нови валидатори и нов софтвер за нивно функционирање?

Иако „Нетпрес“ за појаснување на новата ситуација со надградба на системот, испрати прашања до ЈСП, до моментот на објавување на текстот одговори не добивме.

Додека официјално не добиеме информација, останува дилемата дали новите валидатори кои деновиве се поставуваат во автобусите на ЈСП може воопшто да бидат компатибилни со постојниот систем за електронска наплата кој функционираше десет години и дали проблемите кои граѓаните во последно време ги имаат со системот за електронска наплата всушност се резултат токму на оваа некомпатибилност?