СП Катар 2022: Аргентина уверлива против Полска, Мексико елиминиран поради гол-разликата

Фудбалерите на Аргентина се пласираа во осминафиналето на Светското првенство од првото место во Групата Ц благодарение на победата од 2:0 (0:0) против Полска во натпреварот од третото коло одигран на стадионот „974“, а Полска се пласираше и во осминафиналето од второто место благодарение на подобрата гол разлика од третото Мексико.

Стрелци за Аргентина беа Алексис Мекалистер во 46 и Хулијан Алварез во 67 минута.

Аргентина го заврши натпреварувањето во групата со шест бодови, а Полска и Мексико со по четири. Сепак, Полска имаше гол разлика 2:2, а Мексико 2:3, додека Саудиска Арабија остана на дното со три бода. На натпреварот меѓу Мексико и Саудиска Арабија до самиот крај беше 2:0 за Мексико, Мексиканците напаѓаа барајќи трет гол бидејќи во спротивно ќе испаднеа поради поголемиот број на добиени жолти картони, а во тие напади на крајот примија гол во петтата минута од судиското надополнување од контранапад.

Аргентина беше доминантна репрезентација во првото полувреме, упатувајќи дури 14 удари кон полскиот гол, од кои девет во рамките на голот, но Војчех Шчесни одлично ги запре сите тие обиди и ја задржа својата репрезентација во игра за пласман во нокаут-фазата.

Првата голема шанса Аргентина ја создаде во 28 минута кога обидот на Алварез беше сопрен од блокот на полската одбрана, а потоа топката се одби од ударот на Акуна, но тој не беше прецизен. Пет минути подоцна Анхел Ди Марија се обиде директно од корнер, но Шчесни беше подготвен и ја извади топката од под гредата.

Во 36 минута Аргентина ја имаше својата најголема шанса, Мекалистер одлично го проигра Алварез кој шутираше од околу 10 метри, но повторно Шчесни беше на место, во продолжението на акцијата имаше центаршут на втората статива каде беше Меси, кој промаши со глава. По шутот дојде до контакт меѓу главата на Меси и дланката на Шчесни, а холандската судиска постава предводена од Макелие, откако ја прегледа снимката, одлучи дека станува збор за пенал. Фантастичниот Шчесни брилијантно го сопре ударот на Меси од белата точка. За голманот на Јувентус ова беше втор одбранет пенал на овој мундијал, пред четири дена исто така спречи обид на Саудиецот Ал-Давсари.

Полскиот голман одлично го заврши првото полувреме во 43 минута кога од 16 метри го одбрани обидот на Алварез.

Сепак, сите одлични одбрани на Шчесни паднаа во вода веќе во првата минута од вториот дел. Молина и Ди Марија искомбинираа на десната страна, по што следеше повратна приземна топка на 10 метри каде натрча Мекалистер и ја доведе Аргентина во водство со својот прв гол за националниот тим. Впечаток е дека Молина беше во офсајд пред асистенција, но ВАР-от овојпат не се огласи, како ни сензорите.

Полска веднаш по примениот гол имаше одлична можност да израмни. Во 49 минута Зиелински изведе слободен удар од десната страна, Глик беше највисок во скокот пред аргентинскиот гол, но неговиот удар со глава мина покрај стативата.

Мекалистер можеше да го постигне својот втор гол на натпреварот во 61 минута, овојпат Таљафико го пронајде во полскиот шеснаесетник, но овојпат ударот на играчот од средниот ред на Аргентина го одбрани Шчесни.

Аргентина ја зголеми предноста во 67 минута, Фернандез го проигра Алварез, кој беше на околу 15 метри од полскиот гол со грб кон голот, но младиот напаѓач молскавично се сврте и го погоди горниот лев агол на немоќниот Шчесни.

Меси пропушти уште една шанса за гол во 71 минута, но повторно Шчесни излезе како победник во нивниот дуел. Две минути подоцна Алварез повторно се закани, но овојпат ја погоди надворешната страна од мрежата. Лаутаро Мартинез имаше шанса за трет гол на Аргентина во 86 минута кога ѝ побегна на одбраната на Полска, но шутираше далеку од голот. На почетокот на судиското надополнување се закани и Таљафико, но неговиот удар го отстрани Кивиор од гол-линијата и ја спаси репрезентацијата од предвремено напуштање на натпреварувањето.

Во текот на целиот натпревар Полска упати само три шута кон голот на Аргентина, од кои ниту еден не одеше во рамката, додека Аргентина шутираше дури 24 пати, од кои 13 во рамката на голот, па конечните 2:0 се чинат и премалки. .

Така Аргентина во сабота ќе игра во осминафиналето против втората селекција од Групата Д – Австралија, додека Полска во недела ќе игра против победникот на Фрупата Д и бранителот на титулата Франција.

Истовремено со дуелот меѓу Аргентина и Полска во Лусаил се играше дуелот во кој Мексико ја совлада Саудиска Арабија со 2:1 (0:0), но двете селекции беа елиминирани. Мексико со „пирова победа“ ја совлада Саудиска Арабија со головите на Хенри Мартин во 47 и Луис Чавез во 52 минута , а Салем Ал Даусари во 90+5 минута намали на 1:2.

Дуелот меѓу Саудијците и Мексиканците ветуваше фудбалски огномет, а на крајот и двете селекции беа елиминирани. Саудијците сосема заслужено, бидејќи со лошите игри покажаа дека случајно ги добија Аргентинците во премиерниот дуел од групата, а на крајот Мексиканците беа на само еден гол до осминафиналето, а кога тргнаа на тоа Саудијците ги казнија. Мексиканците на тој начин ја прекинаа големата серија, бидејќи на седум светски првенства по ред стасуваа до нокаут-фазата.

Мексиканците можеа да постигнат гол веќе во третата минута, кога Алексис Вега излезе сам пред голманот, упати низок удар кон средината на голот, но Мохамед Ал Овејс е подготвен и со нозете и телото го спречи неговиот обид. Во 26 минута Орбелин Пинеда промаши зицер пред голот, шутираше од волеј во долниот лев агол, но Мохамед Ал Овејс повторно одбрани. Во судиското надополнување се јавија и Саудијците, Али Ал Хасан шутираше со глава, но за малку до стативата.

А потоа следеше мексиканскиот ураган во вториот дел. Во 47 минута Хенри Мартин погоди од непосредна близина откако Цезар Монтес му асистираше со петицата. Само пет минути подоцна Луис Чавез од слободен удар го постигна најубавиот гол на шампионатот досега. Тој испрати вистинско торпедо од далечина, погодувајќи го самиот лев агол од противничкиот гол.

Потоа на Мексиканците им беше поништен голот поради офсајд а подоцна судијата, иако ја прегледа снимката, не им удовил кога побараа пенал.Во 67 минута голманот на Саудиска Арабија го одбрани ударот на Ирвинг Лозано, а во 70 минута волејот на Мартин го промаши голот кога мексиканските напади продолжија во потрага по уште еден гол. На две минути пред крајот тој гол го постигна Уриел Антуна, но истиот беше поништен поради офсајд, а потоа ударот на Лозано чиудесно го одбрани саудискиот голман.

И додека Мексико беше во потрага по гол кој ќе ги одведеше во осминафиналето, арапската селекција постигна гол, и тоа не од контранапад, како што може да се претпостави поради драматичната завршница. Саудијците одиграа прецизна акција од нога до нога, со двојно додавање, по што Салем Ал Даусари погоди покрај Очоа и ги растажи Мексиканците.