СП Катар 2022: Франција со помош на несреќниот Кејн во полуфиналето

Бранителот на титулата светски фудбалски првак Франција е последниот полуфиналист на годинешното Светско првенство во Катар, откако во саботата вечерта во четврфиналето ја совлада селекцијата на Англија со 2:1 (1:1).

Стрелци на дуелот, кој се играше на стадионот „Ал Бајт“ во Ал Кор пред 68.895 гледачи, беа Орелиен Тшуамени во 18 и Оливер Жиру во 78 минута за Франција, а единствен стрелец за Англија беше капитенот Хари Кејн кој во 54 минута реализираше пенал тогаш за израмнување.

Франција во среда ќе игра во полуфиналето со Мароко кој претходно во саботата со 1:0 ја совлада Португалија и така стана првата африканска репрезентација која стаса во оваа фаза од првенството. Во првото полуфинале во вторник ќе се соочат Аргентина и Хрватска.

Французите поангажирано го започнаа дуелот, но подоцна веројатно како дел од стратегијата на селекторот Дидие Дешан им ја препуштија иницијативата на Англичаните. Особено во тој првичен период беше активна десната страна на францускиот напад. Така во 11 минута Антоан Гризман го проигран Усман Дембеле кој испрати центаршут, а во англискиот шеснаесетник прв до топката дојде Жиру но веќе беше во пад, па неговиот удар Покфорд лесно го скроти.

Но во 17 минута актуелниот светски првак дојде во водство. По долгото комбинирање Гризман со повратна топка подготви ситуација за Тшуамени кој направи неколку чекори напред и во моментот кога англиски играч тргна да го блокира силно шутираше од 20-ина метри погодувајќи го самиот долен лев агол од голот на Пикфорд.

Веднаш по примениот гол Англија тргна по израмнување и за помалку од десет минути создаде четири добри шанси. Во речиси сите акции учествуваше капитенот Кејн, но неговиот соиграч од Тотенхем и француски капитен Иго Љорис беше одличен на својот гол. Англија во 21 минута доби слободен удар на 20 метри од францускиот гол кој го изведе Шоу но неговиот удар беше преслаб. Минута подоцна Кејн одлично се ослободи од Упамекан во шеснаесетникот и излезе пред Љорис, но францускиот голман навреме влезе во шутот на англискиот напаѓач.

Во 24 минута беше забележана спорна ситуација кога Кејн повторно ги измами Упамекан кој го запре со прекршок на работ од казнениот простор. Бразилскиот судија Переира Сампало не се огласи, а при првиот следен прекин се консултираше со ВАР-от. По подолго прегледување беше досудено играта да продолжи, а единственото објаснување е дека прекршокот бил направен надвор од шеснаесетникот. Така, доколку досудеше пенал, ВАР-от ќе го коригираше на фаул, а вака беше оставено на слободното судиско уверување.

Нова шанса Кејн имаше во 20 минута кога се обиде од дистанци, но Љорис уште еднаш се истакна.

Откако не успеаја брзо да израмнат, Англичаните до крајот на првиот дел запреа со нападите и повеќе не создадоа шанса.

Но веќе во втората минута од вториот дел уште еднаш на испит го ставија Љорис. По нафрлување од корнер, топката дојде до Белингем кој шутираше од околу 18 метри, топката одеше под пречката но францускиот голман, кој стана на овој меч рекордер според бројот на настапите за „Триколорите“ – 143, со врвовите на прстите ја одби во уште еден корнер.

Подобрата игра на Англија сепак резултираше со израмнување. Во 52 минута Сака и Белингам одлично комбинираа во францускиот шеснаесетник, а Тшуамени невнимателно стартуваше на ногата на Сака па Сампаио покажа на белата точка. Сигурен реализатор беше Кејн за кого ова беше 53-от погодок за „Гордиот Албион“ со што се израмни со Вејн Руни на првото место на сите времиња во оваа категорија.

Веднаш откако тргна од центарот Франција создаде две шанси за враќање на предноста. Рабио во 55 минута се обиде со силен шут од далечина да го изненади Пикфорд, но овој беше на место. Минута подоцна Килиан Мбапе продре меѓу англиската одбрана но никој од неговите соиграчи не беше присебен да ја реализира неговата повратна топка. Должни не останаа ниту Англичаните и во 60 минута Сака мина низ средината на француската одбрана, но во завршницата немаше веќе сила за доволно силен удар од работ на шеснаесетникот.

Десетина минута подоцна дојде новото возбудување, кога Англија се закани од прекин. Хендерсон одлично нафрли од слободен удар од десната страна, Мегваер беше највисок од скокот но неговиот удар со глава „ја зачеша“ левата статива на веќе совладаниот Љорис. Две минути подоцна Лук Шоу се проби по левото крило, нафрли ниско на петерецот каде имаше дуел а топката се одби од ногата на Хендерсон за малку крај левата статива.

Французите возвратија во 77 минута, Дембеле со глава ја спушти топката за Жиру кој шутираше од седум метри, но со одлична интервенција го запре Пикфорд. По корнерот кој следеше, англиската одбрана не успеа целосно да ја расчисти ситуацијата па топката се врати на левата страна до Гризман а неговото второ нафрлање беше многу попрецизно и на петерецот го пречека Жиру и со силен удар со глава ја затресе мрежата.

Веднаш по новото водство на Французите англискиот селектор Герет Саутгејт во игра ги внесе Стерлинг и Маунт наместо Сака и Хендерсон, потег кој брзо донесе резултат. Маунт втрча во францускиот шеснаесетник во обидот да дојде до една долга топка, а на него непотребно од грб со рамо стартуваше Ернандез. Сампаио, веројатно поради покриеност и лоша поставеност, дури по прегледувањето на снимката досуди уште еден пенал за Англија. Но Кенј овојпат наместо во мрежата топката ја упати високо преку голот на трибините. Така Англија не успеа да дојде до заслуженото израмнување и да следиме уште една драма, а самиот Кејн не успеа да се издвои од Руни на врвот од листата на најдобрите стрелци на англиската селекција на сите времиња.

И покрај притисокот во преостанатите десетина минути Англија повеќе не успеа да создаде сериозна можност за погодок, а најблиски до израмнување беше Рашфорд во 10 минута од судиското продолжение на мечот кога од слободен удар од околу 20 метри ја упати топката на врвот на француската мрежа.

Франција така стана репрезентацијата којашто стасала најдалеку во обидот да ја одбрани титулата во овој век. До подвигот до кој досега успеале само да дојдат Италија во 1938 и Бразил во 1962 година сега Французите ги делат само уште два натпревара. Во XXI век досега најблиску до одбраната на титулата стаса Бразил во 2006 година кога беше елиминиран во четвртфиналето. Франција во 2002, Италија во 2020, Шпанија во 2014 и Германија во 2018 година неа елиминирани уште во групната фаза.