СП Катар 2022: Фудбалските легенди и работниците одиграа натпревар, судеше Инфантино

Пред повеќе од 5.000 гледачи на стадионот „Ал Тумама“ во Доха, 24 работници и легенди на светскиот фудбал одиграа ревијален фудбалски натпревар.

Се играше двапати по 30 минути, а екипите ги сочинуваа поранешни фудбалери и работниците кои работеа на изградбата на стадионите и на тренинг камповите во Катар.

Работниците беа избрани врз основа на нивната страст за фудбалот, вклученоста во фудбалските програми во заедницата и досегашното учество на Купот на работниците, годишен турнир организиран од Фудбалската асоцијација на Катар и Врховниот комитет за испорака и наследство (SC) за сите оние кои работат во земјата.

Фудбалските ѕвезди ги предводеа Бразилците Кафу и Роберто Карлос, Италијанците Алесандро Дел Пјеро и Марко Матераци, Французинот Јури Жоркаеф, Холанѓанецот Кларенс Сидорф, Португалеците Нуно Гомеш и Деко, Шпанецот Мишел Салгадо, Мексиканецот Хорхе Кампос, Аргентинецот Хавиер Занети, Англичанецот Џон Тери. .

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, дебитираше како судија на Светското првенство.

„Ова е искуство кое никогаш нема да го заборавам. Беше неверојатно. Навистина уживав во секоја минута”, изјави Жустис Боје Одои од Гана.

„Бев возбуден што ги видов Алесандро Дел Пјеро и особено Кларенс Сидорф. Тие се неверојатни играчи“, додаде тој.

Поранешниот капитен на Англија, Џон Тери ја пофали иницијативата.

„Ова е одлична идеја на ФИФА да им се оддолжи на некои од работниците кои вложија толку многу труд на фантастични стадиони. Едноставно е одлично за нив да дојдат да играат со нас, но и ние лично да се запознаеме со нив“, рече Тери