СП Катар 2022: Сензацијата Мароко ја испрати дома Португалија

Фудбалерите на Мароко во саботата испишаа историја станувајќи првата африканска и арапска репрезентација којашто се проби до полуфиналето на светските првенства, откако во четвртфиналниот дуел со 1:0 (1:0) ја победија селекцијата на Португалија.

Победникот на натпреварот одигран пред 44.198 гледачи на стадионот „Ал Тумама“ во Доха беше решен во 42 минута, кога на нафрлувањето од Атаит-Ала топката во мрежата со глава ја спроведе најдобриот марокански напаѓач Јусеф ен-Несири, а притоа му олесни португалскиот голман Диого Кошта кој напуштајќи го голот задоцни во обидот да боксува.

Португалската игра се сведе на јалов посед на топката и обиди за куси проигрувања во опасната зона кои цврстата и згусната мароканска одбрана навреме ги отстрануваше. Португалците се обидуваа и со опасни удари од дистанца но мароканскиот голман Боно беше на висина на задачата.

Во 51 минута португалскиот селектор Фернардо Сантош во игра го внесе 37-годишниот Кристијано Роналдо кој така дојде до 196-от настап во репрезентативниот дрес и го израмни рекордот според бројот на настапите за националната селекција на кувајтскиот фудбалер Бадер ал-Мутава. Но ниту светскиот рекордер според бројот погодоци за националниот тим – 118, не успеа да го промени резултатот и елиминација од мундијалот во Катар.

По постигнувањето на погодокот Мароко успеа да ја одбрани минималната предност, што не треба да претставува изненадување имајќи предвид дека во досегашниот тек од турнирот прими само еден погодок, и тоа автогол во победата од 3:1 против Канада во групната фаза.

Мароко, исто така, стана 25-та земја која се пласираше меѓу четирите последни селекции во 92-годишната историја и 22-те изданија на светските првенства. Пред Мароко последните две селекции кои се впишаа во овој списока беа Турција и Јужна Кореја кои се пласираа во полуфиналето во 2002 година, кога турнирот се одржуваше во Јужна Кореја и Јапонија.

Ова беше четвртиот настап на некоја африканска селекција во четвртфинале на Светско првенство, а во сите три претходни обиди репрезентациите од Црниот континент беа поразени по продолженија: Камерун во 1990-та од Англија со 2:3, Сенегал во 2002-ра од Турција 1:2 и Гана во 2010-та од Уругвај по изведува на пеналите.

Мароко во сред на 14-ти декември во 20 часот во полуфиналето ќе игра против победникот од вечерашната пресметка (во 20 часот) меѓу Франција иАнглија.