Во првата средба од групата Ј од второто коло на групното натпреварување на Светското првенство во кошарка во Манила, САД потешко од очекувањата ја победи Црна Гора со 85:73 (19:18, 18:20, 24:17, 24:18).
Црна Гора одигра одличен натпревар, дури имаше минимална предност по првите 20 минути, а на 2,20 минути пред крајот сѐ уште беше во игра за победа, бидејќи резултатот беше само 75:69 во корист на САД. Сепак, тимот составен од НБА играчи на крајот не дозволи сензација.
Ентони Едвардс беше најефикасен кај САД со 17 поени, а Никола Вучевиќ ја предводеше Црна Гора со 18 поени и 16 скока.
САД се на чело на групата со учинок од 4-0, додека Црна Гора падна на 2-2. Во групата се и Литванија со 3-0 и Грција со 2-1.
Пласман во четвртфиналето ќе остварат двете првопласирани репрезентации од групата, а во последното коло в недела ќе играат Литванија-САД и Црна Гора-Грција.
Во првата средба од групата К во Окинава, Германија продолжи со одлични настапи и убедливи победи, совладувајќи ја Грузија со 100:73 (22:16, 21:25, 27:16, 30:16). По изедначеното прво полувреме, како клучна се покажа третата четвртина, во која Германија создаде двоцифрено водство кое само растеше во последните 10 минути.
Маодо Ло ги предводеше стрелците на Германија со 18 поени, во кои шест играчи постигнаа двоцифрен број поени, а Александар Мамукелашвили со 19 асистенции ги предводеше стрелците на Грузија.
Германија сега има 4-0, додека Грузија 2-2. Во групата се и Словенија со 3-0 и Австралија со 2-1 сооднос на победи и порази.
Во последното коло в недела ќе играат Германија-Словенија и Австралија-Грузија, а двете првопласирани репрезентации ќе се пласираат во четвртфиналето.
Претходно во петокот, во првиот натпревар од групата И, Италија во Манила ја совлада Србија со 78:76 (23:19, 17:23, 19:20, 19:14). Во последното коло в недела ќе играат Италија-Порторико и Србија-Доминиканска Република.