СП кошарка: Продолжи низата порази на Србија од Италија

Во првиот натпревар од групата И од второто фаза од групното натпреварување на Светското првенство во кошарка, Италија во Манила ја совлада Србија со 78:76 (23:19, 17:23, 19:20, 19:14).

Италијанците со тоа уште еднаш се покажаа како непријатен противник за Србите, откако пред две години ги совладаа во решавачкиот меч за пласман на Олимписките игри и лани во четвртфиналето на Евробаскетот, а сега успеаја да се надиграат и на Светското првенство.

Се истакна Симоне Фонтекио, кој ја предводеше Италија со 30 поени, додека Богдан Богдановќ постигна 18 поени за Србија, но со катастрофален шут од поле 4 од 16, од кои само 1 успешен од 13 обиди за „тројки“.

Првото полувреме помина со Италија во речиси постојано водство, но Србија замина на пауза со водство од 42:40 благодарение на „тројката“ на Богдановиќ со звукот на сирената. Кога проработи српскиот шут од далечина во третата четвртина, со што ја зголеми предноста на 60:44, се чинеше дека Србија, сепак, ќе ја продолжи победничката серија во Манила.

Сепак, тогаш Фонтекио одигра фантастично и со серија погодоци ја врати Италија во игра. На крајот од третата четвртина беше 62:59 за Србија, а во средината на последниот дел Италија ја презеде контролата над резултатот и во најголем дел водеше со пет поени предност. Сепак, Србија на 28 секунди до крајот се доближи на 78:76, па реши да се брани без фаул, што ѝ успеа а потоа имаше седум секунди за последниот напад. Но обидот на Стефан Јовиќ за „тројка“ која можеше да ѝ донесе победа на Србија не беше прецизен.

И Србија и Италија сега имаат скор од 3-1, победи и порази, а во групата се и Доминиканската Република и Порторико, кои својот натпревар ќе го одиграат подоцна во петок. Во моментов, Доминиканската Република е 3-0, а Порторико е 2-1.

Во последното коло в недела ќе играат Италија-Порторико и Србија-Доминиканска Република. Пласман во четвртфиналето ќе добијат двете првопласирани репрезентации.