Со победата од 92:77 против репрезентацијата на Зелено’ртските острови, словенечките кошаркари го освоија првото место во групата Ф на Светското првенство што заеднички го организираат Филипините, Јапонија и Индонезија.
Лука Дончиќ немаше шутерски ден (5/17 од поле, 1/8 за тројки), но покрај 19 поени имаше и девет асистенции и седум скока. Клемен Препелич постигна 18 поени и додаде седум асистенции. Алексеј Николиќ и Бине Препелич постигнаа по 11 поени. Жоао Гомес постигна 17 поени за Зелено’ртските острови.
Заедно со Словенија (3-0), конкуренцијата меѓу најдобрите 16 продолжува и Грузија (2-1), додека за пласман од 17. до 32. место ќе се борат Зелено’ртскита острови и Венецуела, каде африканската репрезентација ќе може да обезбеди пласман на Олимписките игри во Париз, доколку биде најдобро пласираната репрезентација од нивниот континент за што конкурираат и Ангола, Брегот на слоновата коска, Јужен Судан и Египет.
Словенија и Грузија во второто коло ќе формираат група со двете најдобри селекции од групата Д, а тоа се Германија (3-0) и Австралија (2-1). По доплнителни две кола од втората групна фаза, двете најдобри селекции од тоа друштво ќе изборат пласман во четвртфиналето.
По поразот на Брегот на слоновата коска со 77:89, второто место во групата Г го освои репрезентацијата на Бразил. Јаго Матеус беше најдобар стрелец кај Бразилците со 24 поени, а Тим Соарес постигна 15 поени. Кај Белокосците Седрик Бах постигна 13 поени и 13 скока.
Во таа група по само две кола првото место го обезбеди Шпанија која ја брани титулата освоена пред четири години.