СП Кошарка: Србија е првиот полуфиналист

Српските кошаркари се првите полуфиналисти на годинешното Светско првенство, откако во четвртфиналето во Манила убедливо ја победија Литванија со 87:68 (24:25, 25:13, 24:17, 14:13).

Србија ја предводеше Богдан Богдановиќ со 21 поен, Филип Петрушев додаде 17, додека Тадас Седекерскис беше најефикасен кај Литванија со 14 погодоци.

Литванците беа рамноправен противник само на почетокот од натпреварот, во првите три ипол минути погодија четири „тројки“ и водеа со 14:10, но во тој почетен период Србите успеаја да го одржат напаѓачкиот ритам на своите противниците, па по првите 10 минути беше 25:24 за Литванија.

Втората четвртина се покажа како клучна кога Србија ја презеде контролата над резултатот, понесена од расположениот Богдановиќ, кој до полувремето постигна 18 поени со 8 од 10 шут од поле, успеа да се одлепи на двоцифрено водство. За предност на Србија многу придонесе и лошиот шут на Литванија, чии играчи во вторите 10 минути не успеаја да погодат ниту еден шут за три поена.

Последната шанса да се врати во мечот Литванија ја имаше на почетокот од третата четвртина кога со неколку брзи извлекувања ја намали негативата на 47:52. Но потоа Стефан Јовиќ се претвори во неочекуван српски херој, играчот кому шутот не му е најсилната страна во играта уфрли три „тројки“ со ред за водство 65:51. Потоа Литванија како да се откажа, не можеше да ги запре српските напади ниту во надворешниот шут, ниту при играта под обрачот, па на средината на четвртата четвртина беше и најголемата разлика од 25 за Србија (82:57).

Откако игра како независна нација, ова е трет пласман на Србија во полуфинале на светското првенство, во 2010 година беа четврта, а во 2014 година освоија сребро, додека Литванија остана во две полуфиналиња – бронза во 2010 година и четврто место во 2014 година. Иако во групните фази ги оствари сите пет победи, а пред два дена ги совлада и фаворизираните САД, Литванија го одигра најлошиот натпревар на Светското првенство во првиот елиминациски натпревар.

Во полуфиналето в петок Србија ќе игра против победникот од мечот меѓу Канада и Словенија кој е закажан за в среда.

Од 14 часот и 40 минути во вторник Италија ќе игра против САД, додека во среда во четвртфиналето покрај Канаѓаните и Словенците ќе игра и Германија со Летонија.