ЈСП од јануари ќе го врати билетот за едно возење

Од први јануари в година конечно ќе се продаваат автобуски билети за едно возење. Сите корисници на ЈСП хартиените билети ќе можат да ги купат во самите автобуси. Ќе чинат 50 денари.
„Овие билети ќе бидат олеснување за луѓето кои ретко го користат јавниот превоз или по потреба доаѓаат во Скопје од други градови, како и за туристите“, вели градоначалникот Шилегов. Досега оние што немаа неперсонализирана картичка а ретко се возат во автобус плаќаа со телефон.
„Мислам дека од први јануари веќе ќе можат да ја купуваат картата внатре во самите автобуси. Таа е наменета, пред се, на луѓе кои доаѓаат во нашиот град кои што сакаат да го употребуваат јавниот превоз или на луѓе на кои што едноставно редовните корисници на јавниот транспорт си го имаат на поинаков начин регулирано возењето.“, изјави Шилегов.
Проблемот со еднократното возење се решава, но граѓаните и натаму се жалат на разни проблеми со јавниот превоз. Последните поплаки се дека автобусите неретко прескокнуваат да застанат на возните постројките. Шилегов вели дека движењата на автобусите се следат преку Центарот за управување на сообраќај. Додава дека се работи за индивидуални прекршоци за кои е неопходна санкција.