ЈСП остана без гориво, низ Скопје возат само 25 автобуси

Автобусите паркирани… наместо на улица во сообраќај, изутрината ги најдовме во гаражата на Јавното сообраќајно претпријатие… Само околу 20 проценти од нив беа пуштени во сообраќај, и тоа со последните капки гориво, пишува Алфа. Секодјневните крахирања во јавното претпријатие, денеска се „зачинети“ и со недостиг на нафта. Извори во ЈСП за Алфа брифираат дека ситуацијата се влошува од ден во ден.

Учениците денеска не стигнаа во училиште. Луѓето доцнат на работа, студентите на факултет.

„Пола саат чекам, го нема автобусот, секој ден е така, каснат, лошо е, ако дојде автобус нема место да се влезе” револтирано одговори граѓанка.

„Не сум задоволна воопшто, ја нема 2-ка, ја нема ниту 50ка, со саати чекаме тие што живееме надвор од Скопје” изјави граѓанка.

Тонењето на ЈСП е на апсолутна штета на граѓаните. Претпријатието не било во полоша ситуација никогаш, а градот Скопје и сега успева да ја префрли одговорноста на некој друг, иако исклучиво вината е нивна. Од таму, овој пат прстот го вперија кон Бирото за јавни набавки од каде според нив, била поништена тендерска постапка за набавка на гориво:

„Бирото првпат ја поништи постапката за набавка на гориво, но активно работиме на нов тендер,“ изјави Глигоров, генерален секретар на Град Скопје.

Од Бирото за јавни набавки пак информираат дека постапката што претходно  ја спровел Град Скопје била спорна, а ја поништиле заради тоа што од Градот избрале неприфатлива понуда, која воедно била единствена.

„Управната контрола, земајќи го во предвид ова, дала јасни упатства за тоа што треба да преземе ЈСП, кои биле вклучени во записникот од спроведената контрола. Односно, поради тоа што ЈСП избрал неприфатлива понуда, а немало други понуди во текот на постапката, Бирото за јавни набавки дало упатства комисијата за јавна набавка да ја поништи донесената одлука за избор и да го поништи целиот процес. Овие упатства се во согласност со член 177, став 3 од законот. Треба да се напомене дека ЈСП не ја искористил можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите кои му се на располагање” стои во соопштението

Според владејачката ВМРО ДПМНЕ, единствен виновник за настанатиот хаос е градочалничката Данела Арсовска која целосно го оставила на маргините јавното сообраќајно претпријатие.

.