![Brazil Svedska](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/Brazil-Svedska.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Со два сензационални резултатa, победите на Португалија над Шпанија (35:29) и на Бразил над Шведска (27:24), завршија првите натпревари од 2. коло од втората фаза на Светското ракометно првенство во групата 3 во Осло и со тоа во четвртфиналето се пласираа португалската и бразилската репрезентација а елиминирани се фаворизираните селекции на Шведска, Шпанија и Норвешка.
На двата натпревара голманите на победничките екипи беа прогласени за играчи на натпреварот. Голманот на Португалија, Диого Маркеш имаше 12 одбрани (12/32) против Шпанците, но неговиот одличен учинок го надмина бразилскиот голман Рангел Да Роса, кој мечот против Швеѓаните го заврши со 20 одбрани (20/42).
Бразилските стрелци со по четири гола ги предводеа Уго Монте Да Силва и Ханиел Лангаро. Најдобар стрелец кај Швеѓаните беше Џонатан Карлсбогард со шест гола, а пет постигна Џим Готфридсон. И двајцата шведски голмани, Андреас Паличка и Тобијас Тулин имаа по десет одбрани заедно, половина помалку од бразилскиот голман.
Португалија со седум бодови и Бразил со шест се на првите две позиции во групата и се недостижни за останатите четири селекции. Шведска е трета со четири бода, Шпанија има три, а Норвешка има два со натпревар помалку. Сепак, кодомаќините загубија и од Бразил и од Португалија, па не можат да завршат подобро од третото место. Чиле е на дното без бодови.
Со оглед на тоа што Португалците во последното коло ќе се соочат со Чиле, сосема е извесно дека ќе завршат како победници од групата 3, а во четвртфиналето ќе играат против Германија, второпласираната селекција во групата 1. Во тој случај Бразил ќе заврши на второто место и во четвртфиналето игра против Данска. Двата овие четвртфинални натпревари ќе се одиграат во Осло во среда на 29 јануари.