Врховниот суд на Шпанија им ги одзеде во ввторникот мандатите на шестмина членови на регионалниот парламент на Каталонија, меѓу кои е и поранешниот претседател на каталонската регионална влада, Карлес Пучдемон.
Судијата Пабло Ларена реши дека на шестмината каталонски сепаратистички лидери треба да им се суди за бунт против државата, дело за кое се предвидени казни до 30 години затвор. Тоа повлекува и забрана за вршење на јавна функција, поради што им беа одземени мандатите. Судијата реши дека од парламентот на Каталонија зависи дали на нивните места ќе бидат именувани други пратеници.
Дел од обвинетите се во притвор, а самиот Пучдемон лани во октомври побегна во Белгија, а моментно е во Германија.
„ Оваа одлука го покажува нивото на демократија во шпанската држава. Гласот на граѓаните беше поништен од страна на „судството“, напиша Пучдемон на својот профил на Twitter.