Петнаесет мигранти, меѓу кои две жени и едно дете, беа спасени при обид со импровизиран пловен објект да преминат од Франција во Велика Британија, јави дописникот на МИА.
Како што соопшти поморската префектура за Ла Манш и Северното Море, непосредно по 04:00 часот во саботата наутро, регионалниот центар за оперативно надгледување и спасување бил контактиран од рибарски брод, кој укажал дека пловен објект со повеќе мигранти на оддалеченост од околу седум километри западно од Булоњ-сур Мер, се соочува со проблем.
Патролен чамец на крајбрежна жандармерија успеал да ги пронајде, а потоа биле преземени од пожарникари и граничната полиција. Сите тие се безбедни и здрави.
Обидите да се премине во Англија се се помногубројни од 2018 година, и покрај опасноста поради густината на поморскиот сообраќај, силните струи и ниската температура на водата. Во 2019 година биле пресретнати 2.758 мигранти кои се обидоа да го преминат Каналот Ла Манш, четири пати повеќе отколку во 2018 година, покажуваат податоците на поморската префектура.