Една од клучните особини на изборните кампањи е доминирање на негативна кампања, односно напад кон противникот наспроти позитивна кампања или претставување на визии, заложби на партиите. Тоа меѓу друго резултираше и со намален интерес за политиката, рече Александар Спасеновски, професор по Уставно право и политички систем, во гостување во емисијата “За или против: што се емитува на телевизија Алфа.
Професорот посочи дека ако на почетоците од осамостојувањето имавме излезност која надминуваше 70, 75 проценти сега на последните избори имавме 49 отсто излезност.
„Се разбира на тоа влијае исселувањето, стареење на населението, непрочистеност на избирачкиот список, тоа се аспекти кои имаат удел во ова. Потоа тука е и карактерот на кампањата, настанува поларизација и мислам дека сме дојдени до критична точка. Ние веќе една деценија живееме во ера на силна политичка поларизираност. Политичките партии како да се непријатели и политичката тензија никако да спласне“, рече Спасеновски.
Спасеновски посочи дека конечно треба да се прекине со политика на дисконтинуитет според која сѐ што правеле претходниците е целосно погрешно.
„Треба јасно да кажат партиите кои сегменти се вие сегменти се лоши ќе ги менуваме, а кои не се и ќе се продолжи со нивна реализација, потребна е политика на континуитет, а не на дисконтинуитет”, рече Спасеносвки.
Говорејќи за претстојните избори Спасеновски вели дека нема дилеми за победата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Главна битка на ВМРО-ДПМНЕ според анкетите кои ги гледам не е победа, тоа е јасно, но поларизираноста и наративите водат кон тоа да има потреба опозицијата уште да се ангажира за создавање влада и тоа може да го направи на два начини, едниот начин е со уште поголем ангажман на сите нивоа, а вториот начин е зголемување на коалицискиот капацитет, да се возобноват мостовите со албанската заедница и со помалите политички партии, значи потребно е Македонија да влезе во ера на стабилност“, кажа Спасеновски.
Во однос на последните случувања со евроинтеграцијата професорот Спасеновски укажа дека одговорна држава не може да преземе обврски кои не може да ги испочитува, со таква обврска се прави штета на државата.
„Граѓаните со право мислат дека им се ускратува нешто што им припаѓа. Кандидатски статус добиваат некои кои не исполнуваат услови. Многу е важно Македонија да ги надоградува сојузите и прво во НАТО и земјите членки, како и со САД и да се прикаже како лојален партнер и споделувач на тие вредности. Да, ние сме сведоци на однесувањето на Бугарија, но има и активности во позитивна насока за Македонија како чекори како на пример Германија. Решението не е едноставно, ова се лоши денови за нас од кои мора да излеземе и да го продолжиме европскиот пат. Многу е важно за Македонија да има столче на таа маса“, заклучи Спасеновски.