Kоментирајќи ја иницијативата за измена на начинот на избор на Претседател на државата, професорот на Правниот факултет. Александар Спасеновски, истакна дека ползата од непосредните избори е значителна и тоа треба така да остане.
Според Спасеновски постојат најмалку шест групи на причини во прилог на истакнатото: прво, директен мандат: изборите обезбедуваат претседателот да добие директен мандат од народот, зајакнувајќи го легитимитетот на оваа институција која ќе ја одразува волјата на мнозинството; второ отчетност: од директно избраните претседатели постои поголемо колективно чувство на одговорност; трето, кочници и рамнотежа: одвојувањето на изборот на претседател од законодавната власт спречува прекумерна концентрација на моќ во една гранка на власта; четврто, застапеност: изборите овозможуваат поразновидна застапеност на населението во највисоките функции, бидејќи граѓаните од различни региони и демографија можат да учествуваат во изборот на шефот на државата; петто, стабилност и континуитет: непосредно избраните претседатели обично имаат фиксни мандати, обезбедувајќи стабилност и континуитет во лидерството, што е во спротивност со потенцијалните несигурности што може да се појават ако претседателот зависи од законодавното одобрување за сопствената позиција”, заклучува Спасеновски.
Според него, како последно, но не помалку важно непосредниот избор на претседателот на државата овозможува оваа институција да има најголем легитимитет, со што, во комбинација со надлежностите има капацитет да биде симбол на единството на нацијата.