Со зголемувањето на пензиите за пет проценти што ќе се реализира во првата недела од декември, просечната пензија во Република Македонија ќе изнесува 13.750 денари. За споредба, во 2006 година просечната пензија во нашата држава изнесуваше околу 7.680 денари, изјави денеска дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов.
Според него, ова е уште една потврда за реализација на мерките и проектите на Владата на РМ за директно подобрување на животниот стандард на пензионерите. Најави дека и во иднина ќе се продолжи со реализација на, како што рече, реални и остварливи проекти, со кои континуирано ќе се подобрува животниот стандард и на пензионерите, но и на сите граѓани.
Спасов денеска беше во посета на општина Илинден каде се сретна со градоначалникот Жика Стојановски и со претставници на Здружението на пензионери од оваа општина.
Во општина Илинден, рече, Министерството има заеднички со општината реализирано низа проекти, како изградбата и отворањето на новата детска градинка, нов Дневен центар за стари лица, како и отпочнувањето на изградбата и на Домот за стари лица.
Со претставниците на пензионерите пак, како што потенцира, разговарал за сите реализирани проекти како проектот за бесплатна бањско-климатска рекреација, со опфат на околу 37.000 пензионери, проектот бесплатен туристички викенд, проектите што го овозможуваат или, пак, го олеснуваат движењето и мобилноста на пензионерите како бесплатниот градски и превоз во железничкиот сообраќај…, но и за почетокот на активностите за изградба на државен дом за стари лица со ниски примања, или, пак, материјално необезбедени стари лица.
Градоначалникот Стојановски рече дека општината има одлична соработка со МТСП.
Како локална самоуправа најзначаен капитален објект во сферата на згрижување на деца од предучилишна возраст, е детската градинка која што со новиот дел – доградба веќе згрижува 400 дечиња. Имаме дополнително обезбедено приватен инвеститор што ќе гради приватно училиште, исто така и детска градинка. Работите се во подготвителна фаза. Обезбедивме и инвеститор кој веќе ја изгради зградата за дом за стари лица, истакна Стојановски.
Од здружението на пензионери од општина Илинден велат дека средбата со Спасов била на нивно барање. Притоа посочија на добрата соработка и со локалната самоуправа и Министертвото за труд и социјална политика.