Спасов: Можност за вработување на корисници на социјална помош

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов,  и раководителот на Центарот за вработување на  Град Скопје, Слободанка Алексовска ја посетија дисперзираната канцеларија на Агенцијата за вработување во Општина Ѓорче Петров.

– Денес сме во посета на дисперзираната канцеларија, со цел поблиску да бидеме до граѓаните кои активно бараат работа. Изминатиот период отворивме неколку дисперзирани канцеларии во Градот Скопје. На денешниов настан би сакал да ја објавам новата мерка која што ја објавува министерството за труд и социјална политика во соработка со Агенцијата за вработување. Се работи за мерката Субвенционирано вработување на лица во социјален ризик односно со оваа мерка за субвенционирано вработување сакаме да ги опфатиме најранливите категории на граѓани кои што во моментов  се без работа, да му помогнеме и на приватниот сектор со директни субвенции да отворат нови работни места токму за  овие категории на граѓани, истакна Спасов

Со мерката субвенционирано вработување на лица во социјален ризик ќе се опфатат примателите на социјална парична помош, жртвите на семејно насилство, лицата кои што до 18 години имаале статус на деца без родители и родителска грижа како и лицата кои што имаат ниски приходи односно корисниците кои во минатото користеле условен паричен надоместок за редовно школување кои што доаѓаат од семејства  кои што во минатото биле приматели на социјална парична помош и имаат ниски приходи по член на семејство под 50% од просечната плата во Република Македонија како и млади лица до 29 години чии што семејства исто така  имаат ниски приходи.

– Субвенциите се поделени на 2 главни групи односно во првата група субвенционираме бруто плата за вработување на лице во социјален ризик со вкупен максимaлен износ  на месечно ниво од 22.000 денари од кои што 17.000 денари за бруто плата за вработеното лице и 5.000 денари надоместок на трошоци  за обука за рабодотавачот месечно, во период од 6 месеци со обврска за  компаниите да ги задржат овие лица на работа дополнителни 12 месеци и втората група на субвенции опфаќа максимална субвенција од 11.900 денари во период од 6 месеци со 5 години ослободување од плаќање на социјални придонеси во рамки на проектот „Македонија Вработува“ рече Спасов.

Тој информираше дека со оваа мерка и со огласот што се објавува денес ќе бидат опфатени 134 невработени лица и обезбедени се средства во вкупeн износ од 11.000.000 денари.

Спасов: Можност за вработување на корисници на социјална помош
Спасов: Можност за вработување на корисници на социјална помош

– И понатаму во соработката со Агенцијата за вработување продолжуваме со низа огласи и поволности за приватните компании меѓутоа и низа мерки за невработените граѓани во Република Македонија кои што активно бараат работа и сакаат побрзо и полесно да стигнат до посакуваното работно  место, да им помагаме на сите оние на кои што можеме, рече Министерот.

Раководителот на Центарот за вработување на град Скопје, Слободанка Алексовска посочи дека ова е петтата канцеларија која што е отворена како подрачна канцеларија во Градот Скопје и сите оние невработени лица кои што сакаат да аплицираат за мерките можат да дојдат и  во подрачните канцеларии да аплицираат.

– Исто така креирана е и апликација за самите работодавачи кои што  гравитираат  или поблиску им е подрачната канцеаларија да дојдат да аплицираат во истата, подрачна канцеларија имаме во Ѓорче Петров, имаме  во Општина Кисела Вода, населба Драчево, Општина Илинден, Општина Гази Баба и Општина Бутел, посочи Алексовска.