Спасов: Приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е социјалната грижа и подобар стандард на граѓаните

Еден од основните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ преставува социјалната грижа, градење на држава на еднакви можности и подобрување на стандардот на граѓаните, рече денеска Диме Спасов од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори излезе со програма која содржи конкретни проекти кои содржат конкретни рокови и кои се одговор на реалните потреби на граѓаните. Наш приоритет останува гриужата за старите лица. Во следниот мандат, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зголемува пензиите по пет отсто годишно, со исплатата на пензијата за јуни. Вкупното зголемување на пензиите за четири години ќе изнесува 21,5 отсто. Политиката на планираниот пораст на пензиите е возможна доколку не се случи сериозна надворешна криза, која би влијаела негативно врз економската и финансиската состојба во Македонија“, рече Спасов.

ВМРО-ДПМНЕ и претходно во периодот од 2006 година до 2014 година, ги зголеми пензиитеза 62 отсто во просек.

„Со оваа мерка и понатаму продолжуваме да го подобруваме животниот стандард на пензионерите и да водиме вистинска грижа за нашите највозрасни граѓани. Сè со цел да се обезбеди квалитетен живот, социјална заштита и сигурност на старите лица, од 2015 година ќе започнеме со реализација на проектот „Бесплатен туристички викенд за пензионери“. Бесплатниот викенд ќе може да се искористи во одморалиштата и хотелските комплекси кои се наоѓаат на планините и крајбрежјето на езерата во Македонија како на пр. Во Охрид, Дојран, Струга, Преспа, Берово и Крушево. Во овој проект влегува платен превоз, ноќевање и 2 полни пансиони. Оваа услуга ќе може да ја користат лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, а лицата корисници на пензија кои користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице имаат право на придружник. Предност ќе имаат корисниците на пониска пензија. Секоја година оваа услуга ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија во пролетниот и есенскиот период, односно 12.000 пензионери за 4 години. Рок: 2015 – 2018 година“, појасни Спасов.

Исто така, како што рече тој, Владата во соработка со Градот Скопје до сега овозможи бесплатен превоз во градскиот јавен сообраќај во Скопје во вторник, петок и сабота.

„Преку овој проект ќе се овозможи досегашната бесплатна услуга за превоз на пензионерите да се прошири и да важи и во недела. Со ова ќе се креираат услови за рамномерно распределување на бројот на патници (пензионери) кој што сега е сконцентриран во деновите кога тој е бесплатен за пензионерите. На тој начин ќе се создадат услови за намалување на метежот во јавниот сообраќај и ќе се подобри животот на пензионерите“, рече тој.

Како што рече тој, ќе се продолжи со реализацијата на Проектот „Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија.

„Услугата на бањско-климатска рекреација ќе може да се користи еднаш во период од втората половина на март до ноември во траење од седум дена и ќе опфаќа: шест полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно),бањска терапија,еден задолжителен здравствен преглед,трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација“, додаде Спасов.

Проектот ќе продолжи да се реализира и во наредните четири години, при што ќе бидат опфатени 22.000 пензионери.

Во поглед на социјалните права тој предвидува зголемување на социјална парична помош за вкупно 21,5 отсто, односно по пет отсто годишно.

„Политиката на планираниот пораст на социјалната помош е возможна доколку не се случи сериозна надворешна криза, која би влијаела негативно врз економската и финансиска состојба во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2006 година до 2014 година, заради подобрување на животниот стандард, подобрување на условите за живот и намалување на социјалниот ризик на примателите на социјална парична помош ја зголеми помошта во просек за 47 отсто. Со ова докажуваме дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи за социјално најранливите категории“, рече Спасов.

Исто така, ВМРО-ДПМНЕ, како што рече тој, во континуитет се грижи за подигнување на бројот на згрижувачките семејства кои се грижат за децата без родители, деца без родителска грижа, деца со пречки во развојот како и деца со воспитно социјални проблеми. Во таа насока ќе се зголеми паричниот надоместок за 25 отсто во следниот период.

„Посебниот додаток се обезбедува за дете кое има пречки во телесниот или менталниот развој (деца со инвалидност, ментална попреченост, тешки хронични заболувања, оштетување на видот, слухот или говорот). Висината на посебниот додаток до 2013 година се зголеми за 30 отсто и изнесува 4.366 денари, додека износот на посебниот додаток за самохран родител кој има дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој се зголеми за 50% и изнесува 6.303 денари. Во следниот период ВМРО-ДПМНЕ ќе ја зголеми и висината на посебниот додаток на примателите кои потекнуваат од материјално необезбедени семејства и кои имаат дете со пречки во телесниот или менталниот развој за 25 отсто и истиот ќе изнесува 5.457 денари“, додаде Спасов.