Спасовден – празникот на христовото вознесение е еден од најголемите христијански празници. Спасовден секогаш е во четврток и се празнува 40 дена по Велигден. Исус им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност четириесет дена по воскреснувањето.
Празникот Вознесение Христово се празнува во спомен на вознесувањето на Исус Христос на небото. Четириесеттиот ден по Воскресението Исус за последен пат им се јавил на своите ученици, ги собрал на едно место, во селото Витанија, биле единасетмината (бидејќи Јуда по предавството се обесил) и им соопштил дека сè уште не треба да одат од Ерусалим зашто наскоро врз нив ќе слезе Светиот Дух и ќе ги исполни со сила. Со таа сила вие ќе крштевате, како што свети Јован крштеваше со вода, им рекол тогаш Исус. Потоа се подигнал и облак го кренал на небото, а тој застанал до Богот Отец. На местото пак, каде што стоел останала длабнатина од неговите стапала.
Во спомен на овој настан Светата христијанска црква го востановила празникот Вознесение Христово или Вознесение Господово кој уште се вика и Спасовден, зашто се празнува денот на Спасителот на светот – Исус Христос. Иако е востановен уште во апостолски времиња, празникот на вознесението не се празнувал одделно на четириесеттиот ден по Велигден туку во Педесетницата биле слеани повеќе спомени и тука бил стопен и овој спомен. Дури во крајот на IV век тој спомен е одделен од Педестиницата, кога се празнува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, празник познат и под имињата Духовден (Дуовден) и Света Троица.
Така, според овие сведоштва, Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале во храмовите.
Местото од кое Исус се вознесол на небото веднаш станало култно место. Светото предание запаметило дека на тоа место долго се познавале отисоците од неговите стапала, а царицата Елена (мајката на царот Св. Константин) наредила тука да се изгради голема и убава црква којашто подоцна била урната од Сарацените.
Дури со неговото вознесение многу тајни се разјасниле, многумина се увериле дека тој е Спасителот на светот.
Но и светиот Атанасиј Велики осврнувајќи се на два Господови празници, т.е. на Воскресението и Вознесението, вели дека Воскресението им ја дарува на луѓето победата над смртта, а Христовото вознесение го воведува човекот на Небото и, менувајќи го човековиот начин на живот на земјата, го прави небото пристапно за него. Следствено, едно е победата над смртта, а друго е издигнувањето на човечката природа на Божјиот престол. Токму затоа и можеме да ја видиме и возвишеноста на Вознесението, или, за да се изразиме подобро, совршеноста и полнотата на Божјиот Домострој со овој настан.
Интересни се гледањата на некои свети отци поврзани со Вознесението. Така, на пример, светиот Григориј Палама вели дека Воскресението е поврзано со сите луѓе, а Вознесението е поврзано само со светителите. Тоа се вели од аспект дека со своето воскресение Христос ја победи смртта и на сите им го даде дарот на воскресението. Сите ќе воскреснат во денот на Христовото второ доаѓање, и праведници и грешници, но нема сите да се вознесат. Само праведниците, обожените, ќе се удостојат со тој голем опит.
Светиот Григорој Палама уште вели дека и пред Христа имало и вознесенија. Во Стариот завет се вели дека дух го зел пророкот Еремија, ангел го зел Авакум, повеќе од сите, пророкот Илија се вознел на огнена кола. Вознесението на сите овие било на некој начин преместување кое ги издигнало од земјата, но не ги извело од неа. Значи, никој од нив не ја надминал земната атмосфера. Исто така, оние кои воскреснале и се вратиле на земјата, по некое време пак умреле. Меѓутоа, Христос воскресна и смртта нема власт над Него, а бидејќи се вознесе на небесата, секое издигнување е пониско од Него.
Црковните песни што се исполнуваат на овој ден како и во деновите на претпразненството и попразненството се исполнети со радост и тага. Радосни се апостолите зашто до крај се исполниле зборовите на Исус. Песните што се пеат во оваа пригода содржат радост зашто Исус заминал на небото, но содржат и тага зашто апостолите и народот остануваат сирачиња без својот Господ на земјата.