Јазикот и јазичните права се многу важни за постигнување еднаквост и за реализација на концептот на едно општетство за сите граѓани како стратешка определба на Владата по угледот на големата европска идеја Обединети во различностите. Ваквата определба која е појаснета во Националната стратегија за развој на концептот на едно општетство за сите граѓани бара постојано промовирање на вредностите на јазичниот плуралитет и неговата кохезивност.
Ова го истакна техничкиот премиер Оливер Спасовски во обраќањето на денешната јавна дискусија за промовирање и подигање на свеста за мајчиниот јазик и културната разноликост спроти одбележувањето на 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, а во рамките на подготовките за донесувањето на Програма за покренување на јавната свест за примена на Законот за употреба на јазиците. Целта на оваа програма, додаде тој, е да се разбере важноста и придобивките што ќе ги создаде примената на овој закон во државата.
– Примената на Законот за употреба на јазиците се заснава на промовирање на основните човечки вредности, еднаквост на слободите и човековите права и на почлитување на различностите. Концептот на различност во РС Македонија треба да се прифати како мост помеѓу различните етнички заедници во земјата. Како истоветна слика на концептот на ЕУ и НАТО како организации кои во различноста го пронајдоа и го јакнар единството и заедништвото, рече Спасовски.
Според него, ако секој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, туку добива Северна Македонија како граѓанска и демократска држава. Ние како мнозински народ во нашата земја, рече Спасовски, имаме одговорност да креираме политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во земјава.
– На централно ниво, со примена на Законот за употреба на јазиците се употребува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик и неговото писмо. На локално ниво се употребуваат повеќе јазици освен македонскиот јазик. Албанскиот јазик се употребува во 25 општини, турскиот во 10, српскиот во три општини, ромскиот и босанскиот јазик во две општини и влашкиот во една. Ова покажува отвореност на нашето општество на сите рамништа за своите граѓани, вели Спасовски.
Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки, посочи дека по навршување една година од усвојувањето на Законот за употреба на јазиците, со која албанскиот стана официјален јазик во државата, сите граѓани на земјава разбраа дека употреба на јазикот на некоја друга нација, јазичната различност во државата е предност, а не пречка за развој.
– Свесен сум дека освен законските санкции имплементацијата на Законот за употребата на јазиците во голема мерка зависи и од волјата и свеста на граѓаните за негово спроведување. Многуте предизвици кои ни се случија и кои ќе се појават пред нас во овој процес треба да овозможиме сите заедно да ги надминеме, рече Дураки.
На дебатата се обратија и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Илхан Рахман и директорот на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија Илбер Села.
Според Рахман, во однос на употребата на јазикот на заедниците земјата може да се смета за добар пример, но кога станува збор за помалубројните заедници укажа дека треба да се обрне поголемо внимание на образованието на мајчин јазик, употребата на јазикот во локалните самоуправи, како и во редакциите на овие заедници во јавниот сервис, како и во преземање системски мерки за зачувување на јазиците кои се во опасност од исчезнување како влашкиот јазик. Потребно е, вели тој, и да се ратификува Европската повелба за малцински и регионални јазици која е потпишана од нашата држава и која нуди решенија на значајни проблеми околу употребата на мајчиниот јазик.