Спасовски ги посети повредените полицајци во вчерашниот јавен собир

Утрово, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР, заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, како и заменик-директорот на БЈБ Ариф Асани, на Клиниката за неврохирургија ги посети полициските службеници кои беа повредени во вчерашниот јавен собир пред Собранието на РСМ.

По посетата Спасовски изрази длабока загриженост што на вчерашните протести се повредени вкупно 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди и информираше дека благодарение на здравствените работници, на сите повредени брзо им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи.

„Синоќа бевме сведоци на еден мрачен настан, кој од јавен собир, како неприкосновено демократско право се претвори во вандализам, јавен собир организиран од опозициските партии, на којшто беа брутално нападнати храбри припадници на полицијата, беше посегнато по нивните животии додека си ја вршеа својата професионална должност пред Владата, МНР и пред Собранието. Затоа најостро го осудувам насилството врз полициските службеници, а во свое име и во име на раководството на МВР изразувам длабока почит за храброста и херојството во одбрана на безбедноста на државните институции и од срце им посакувам брзо закрепнување на сите повредени колеги”, потенцираше министерот Спасовски и потсети дека во текот на вечарашната вечер, од страна на демонстрантите беше опустoшен имот, искорнати беа бекатон плочки, сообраќајни знаци од коловозите, железни предмети и делови од клупи од Жена Парк, кои заедно со камења, јајца, молотови коктели, канти за ѓубре и пиротехнички средства, беа фрлани како кон објектите, така и кон полициските службеници кои ги обезбедуваа државните институции.

Тој рече дека за време на вчерашниот протест оштетувања на прозорците и фасадите се пријавени во сите три објекти: Владата, МНР и Собранието на РСМ. Покрај ова, демонстрантите скршија 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетенa е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

Во врска со овие насилства вчеравечер, Спасовски изјави дека нема ниту еден повреден граѓанин, а од страна на полициските службеници приведени се 11 лица, и нагласи дека напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки нема да се толерираат.

„Повикувам до секој еден – да победи здравиот разум, никогаш повеќе да не ни се повтори 27 април, да не ни се повторат ни вчерашните насилства – сето тоа претставува сериозен удар врз демократијата. Ова раководство на МВР и понатаму посветено ќе работи во насока да изгради полиција која ќе биде во служба на своите граѓани, стожер на нивната безбедност”, рече Спасовски.