Спасовски и О’Брајан од Вашингтон: Периодот што следи е битен за Македонија во кој правец ќе се движи понатаму

Во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, соопштија од МВР.

Средбата помина во пријателска атмосфера, а се разговараше на повеќе теми, меѓу кои поддршката од САД за МВР и за државата генерално, напредокот во борбата против корупцијата, како и за листата на санкции на САД, велат од кабинетот на министерот.

-Преку програми за обука, заеднички операции, модернизација на единиците на МВР, направивме значителен исчекор во почитувањето на владеењето на правото и особено во заштитата на нашите граѓани од штетните влијанија на корупцијата. Императив за Владата на Република Северна Македонија и МВР е борбата против корупцијата, да победат чесните наспроти корумпираните. Успехот во таа борба е можен само со институции кои постапуваат со интегритет, професионално и неселективно, особено во делот на правосудството”, истакна Спасовски. Притоа, тој сподели статистика за резултатите на МВР во делот на борбата против корупцијата.

Од аспект на МВР, можам да кажам дека само во 2023 година утврдени се над 64 коруптивни злоупотреби, откриени 121 кривични дела, со вкупно 178 сторители, причинета е материјална штета од над 350 милиони денари. Откривачката функција на полицијата во 2021 година беше зголемена за дури 50%. Воедно, би сакал да истакнам дека за времето откако јас раководам со МВР, од страна на ОСОСК во временскиот период од 2017 – 2023 година само за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластувања“ биле поднесени вкупно 44 кривични пријави против 170 физички и 2 (две) правни лица”, Спасовски го информираше О’Брајан, изразувајќи ја благодарноста за неговите напори и вложувања во овој дел.

Притоа, Спасовски истакна дека сите директиви и лицата ставени на листата на санкции на САД ќе бидат ставени во законска рамка за да немаат можност да учествуваат во јавни набавки, да бидат дел од Владата, ниту пак да бидат кандидати за извршување јавни функции.

Во оваа прилика, Спасовски го информираше О’Брајан за Mеѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, како и за предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки.

-Со големо задоволство сакам да ве информирам дека уште еден значаен инструмент за успешно спроведување на борбата против корупцијата и организираниот криминал е и предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, во кој ќе се допрецизира делот на постапувањето по усвоени рестриктивни мерки на правни акти на Соединетите Американски Држави. Министерството за внатрешни работи во спроведувањето на мерките на овој Закон ќе ги користи каналите за меѓународна соработка, пред се Интерпол, Европол, СЕЛЕК и др., преку кои ќе овозможи непречен проток на потребните информации во насока на понатамошно обезбедување на докази и спроведување на своите надлежности согласно Законот за кривична постапка и Кривичниот Законик”, подвлече Спасовски.

Од страна на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан беше потенцирано дека ова се многу важни чекори кои МВР и Владата на Република Северна Македонија ги преземаат во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

На средбата двајцата соговорници, Спасовски и О’Брајан, се согласија дека европскиот пат нема алтернатива и периодот што следи е клучен за Република Северна Македонија, во однос на техничката Влада и изборите, предизвиците коишто доаѓаат се многу битни за тоа во кој правец ќе се движи државата.