Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски интерпелацијата за неговата работа поднесена од пратениците на Алијанса на Албанците и Алтернатива ја оцени како чудна затоа што, како што кажа, е поднесена заради успех во една акција, а не неуспех. Обраќањето на говорницата тој го искористи за да ги истакне, според него, успесите во работата на Министерството за внатрешни работи на чие чело се наоѓа.
– Имено – Сашо Мијалков е во затвор, таму каде што му е местото, и на него и на голем број поранешни функционери – криминалци, кои бескрупулозно крадеа од народот наместо да работат за она за што се избрани. Истиот Мијалков, на кого името се плашевте да му го спомнете, со години наназад. А сега гледаме како се зголемува бројот на години што ќе треба да ги одлежи. Каква иронија – идолот и идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков е во затвор, а опозицијата поднесува интерпелација за министерот за внатрешни работи?! Оваа интерпелација, во суштина, претставува реален приказ на изместениот систем на вредности на опозицијата, и затоа е, во најмала рака, чудна – рече Спасовски.
Според него, факт е дека ваквите случаи покажуваат одредени проблеми во функционирањето на системот, што се веќе детектирани и ќе се менуваат за да не ни се повторуваат во иднина, а и обвинителството води постапка за да утврди каква било одговорност.
Спасовски истакна дека е горд што од страна на ГРЕКО била препознаена и особено истакната позитивната транспарентност на МВР, кое ја имплементирала нивната Препорака бр. 11 за јавно објавување на буџетот на МВР, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност.
– Дали некому можеби му пречат позитивните и охрабрувачки оценки од ГРЕКО – тело задолжено за борба против корупцијата при Советот на Европа, во нивниот Извештај за нашата земја од Петтиот круг на евалуација, усвоен на 87. Пленарна седница на ГРЕКО, кои претставуваат уште една верификација дека се движиме по вистинскиот пат?! Дали оваа гтранспаретност некому пречи? – праша Спасовски.
Министерот соопшти дека за споредба, во периодот од 1 јануари 2021 до 15 април 2021 година регистрирани се 5.816 кривични дела и истите бележат тренд на намалување за 9,5% во споредба со истиот период минатата година. На пример, рече Спасовски, бројот на кражби е намален за 30 отсто, а бројот на тешки кражби за 22 отсто, одземањата на моторни возила за 28 отсто, а измамите за 37 отсто, посочи министерот Спасовски.
Објасни дека организациските единици во БЈБ активно постапуваат по седум оперативни акции, кои даваат видливи резултатите.
– Меѓу покрупните реализации би ја потенцирал кривичната пријава од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР до Основното јавно обвинителство Скопје против 36 лица, од кои осум вработени во МВР, поради основано сомнение дека издавале возачки дозволи на лица без положен возачки испит, како и против 28 граѓани, поради сомневање дека сториле поттикнување во извршување на наведените кривични дела – рече Спасовски.
Исто така, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, во соработка со Јавен обвинител од ОЈО Скопје, сузбија криминална група, чии членови- вработени во Управните служби на МВР, злоупотребувајќи ја службената положба, издавале македонски патни исправи злоупотребувајќи туѓ идентитет. Пријавените овозможиле на вкупно 215 лица, од кои 214 странски државјани и еден државјанин на Северна Македонија, да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет“.
Осврнувајќи се на акциите за сузбивање на трговијата со дрога, тој кажа дека само од почетокот на годината до средината на април запленети се околу 850 кг дрога, а намален е и бројот на обиди за илегални преминувања за повеќе од 30%, сузбиени две криминални групи.
Од друга страна, одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за бегството на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и за случаите со давањето македонски пасоши на меѓународни криминалци и за лицата со двојни матични броеви побараа пратениците од опозициските партии на Албанците во Собранието во рамки на расправата за неговата интерпелација.
Интерпелацијата, како што рече Хисни Исмаили од Алтернатива, била поднесена за случајот со бегството на Мијалков, но потоа во периодот кој следувал имало уште многу скандали во работењето на МВР. По кражбата на два тони марихуана од производител, рече тој, беа најдени само 230 килограми, па се поставува прашањето каде отиде останатата количина. Во меѓувреме, нагласи Исмаили, излезе и случајот до давањето македонски пасоши на криминалци, но и случајот со 20 000 лица кои имаат најмалку по два матични броеви.
Сетоа ова, рече Исмаили, не може да се случи доколку не се вмешани структури од власта и од Министеротвото за внатрешни работи.
Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците смета дека министерот Спасовски треба да си понесе одговорност, меѓудругото и за бегството и на Груевски и за случајот со Мијалков. Можеби, рече тој, Спасовски не е креатор и помошник во изведувањето на бегствата, но мора да има одговорност за тоа што не знаел и не открил кој се учествувал во нив.
Пратениците од партиите на власт сметаат дека интерпелацијата е беспредметна и несоодветна. Според нив, таа е само обид за стекување политички поени на опозицијата и оти нивните обвинувања не се поткрепени со факти.
Мартин Костовски од СДСМ истакна дека и тоа што пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштиле денешната седница, говори за тоа дека се е претстава и маркетинг и оти тоа го направиле во неможност да ги спротивстават аргументите и фактите.
Претходно, седницата за интерпелацијата на Спасовски ја напушти опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници не беа ставени на листата за обраќање поради задоцнето доставување до претседателот на Собранието. Своја листа не достави ниту СДСМ. Опозицијата неставањето на пратениците на листата на говорници го оцени како обид на власта за нејзино замолчување.
Барањето за интерпелација за Спасовски на почетокот на седницата го образложи пратеникот на АА и Алтернатива Халил Снопче кој кажа дека и покрај тоа што Мијалоков е во притвор, самиот случај со неговот бегство, потоа појавувањето после тоа и реакцијата на властите, издавањето на пасоши на криминалци и други случаи, се причина за заминување на Спасовски од Владата.
Седницата со расправата по интерпелацијата за Спасовски продолжува по редовната пауза.