Најголем дел од граѓаните сметаат дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е најодговорен за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, каде што доби политички азил.
Оливер Спасовски – најодоговорен за бегството на Груевски. Oва се резултатите од анкетата – проект на ТВ Телма и МЦМС за која информира Независен. Најголем процент од испитаниците сметаат и дека власта знаела за политичкиот азил на поранешниот премиер.
Вечер ја објавува информацијата дека неколку опозициски партии во унгарскиот Парламент предложиле формирање истражна комисија што ќе ја разгледува вмешаноста на Унгарија во бегството на Никола Груевски. Во информацијата се додава дека истражувањето на електронското издание на 24.ху покажало дека мнозинството Унгарци се згрозени, лути и разочарани поради фактот дека Груевски добил статус на бегалец од унгарските власти.
Слободен печат го објави разговорот на унгарскиот европратеник од социјалдемократската група, Питер Нидермилер за МИА со цитат од неговите зборови: „Европскиот парламент ќе се обиде да ја примора Европската комисија да реагира за азилот на Груевски“.
На дебатата пред гласањето за извештајот за Македонија огромното мнозинство европратеници, со исклучок на неколку екстремистички гласови од Грција и Бугарија, во средата вечер, побарале старт на преговори за членство во ЕУ во јуни, но потсетиле и дека земјава мора да продолжи со исто реформско темпо – информира Независен.
Во дебатата не изостанале ни пораките до Унгарија за екстрадиција на експремиерот Никола Груевски. Во меѓувреме, „Собранието му го одзеде пратеничкиот имунитет на Груевски“ – објави Нова Македонија, во чија информација се додава дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, чиј почесен претседател е Груевски, не присуствувале на седницата.
Вечер информира дека на Груевски судот му определил мерка притвор за предметот „Талир“, сметано од денот на неговото пронаоѓање односно лишување од слобода.
Инаку, порталот на Вечер има најмногу наслови за протестниот митинг во средата вечер на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. „Мицкоски до Заев: Ќе ве поразиме на избори – ќе завршите на буниште“ – гласи еден од насловите. „Мицкоски побара оставка од Владата и најави нови протести на опозицијата“, наслови Нова Македонија, а Слободен печат се решил за следниот цитат од Мицкоски: „Оваа власт ја уништува Македонија“. Вечер ја објавува и реакцијата на СДСМ: „Мицкоски требаше да го осуди, наместо да го брани криминалот на Груевски“.
Нова Македонија информира: „Граѓаните во кредити исто колку и фирмите – Над 5 милијарди евра или 313 милијарди денари должат македонските домаќинства и фирмите во домашните банки заклучно со октомври годинава“.
Електронските изданија на сите печатени медиуми ја објавија веста за смртта на големиот македонски драмски писател, Горан Стефановски, и неговата желба да биде кремиран, а пепелта да биде расфрелена во Охридското Езеро. Објавени се и реакции по социјалните мрежи на познати македонски и драмски уметници, режисери и актери од поранешните Ју-простори, како и нивни последни поздрави за Стефановски.