Во овој момент не постојат посериозни индиции дека може да дојде до зголемување на мигрантскиот бран, меѓутоа државата е подготвена да одговори на сите предизвици, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој наведе дека во моментот нема зголемување на илегални обиди, генерално ако споредиме со претходните години, меѓутоа тоа не значи дека нема утре да се случи.
– Ние како држава сме подготвени и имаме два транзитни центри на територијата на Република Северна Македонија. Не остануваат и нема да остануваат мигранти, туку само транзитираа во моменти кога беше функционална Западнобалканската рута, е владиниот став – рече Спасовски, кој денеска заедно со претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска го посети граничниот премин Табановце во рамки на кампањата ,,Вози одморен“.
Според него, земјава не е атрактивна за поминување на мигрантите низ оваа рута, заради тоа што постојат сериозни контроли.
– На стратешко ниво МВР е поставено со посебна оперативна обработка што е исклучиво во функција на намалување на илегалната миграција и трговија со луѓе и за тоа постојат показатели и податоци за разбиени организирани криминални групи. Во тој дел државата е добро поставена за да немаме каков било проблем од евентуално зголемување на мигрантскиот бран -рече Спасовски.
Тој нагласи дека земјава е многу добро поставена во делот на заштита на државните граници.
– Само преку заеднички мерки и политики можеме да се справиме, бидејќи нема држава која со сопствени мерки и политика може да дојде до резултати. Се надевам дека овој предизвик е сериозно согледан од секоја Влада и во регионот и во ЕУ и оти заендички ќе направиме се зад аго заштитиме целиот регион -рече Спасовски.