Безбедносната состојба во Македонија е под контрола по настаните во Косово, но инцидентите го засегаат целиот регион, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју за српска „Политика“.
„Инцидентите на северот од Косово секако дека го засегаат соседството, односно целиот регион, но безбедносните служби будно ја следат ситуацијата, собираат информации и се прави редовна анализа. Засега безбедносната ситуација во државата е под контрола, нема директни рефлексии, кои би претставувале опасност за безбедноста на Македонија и граѓаните може да бидат спокојни“, изјави министерот Спасовски.
Притоа тој ја изрази увереноста дека стратешките партнери ЕУ и САД нема да дозволат црни сценарија и ќе извршат силен притисок за да се вратат работите во нормала.
„Ако нашата заедничка цел е да станеме регион што ќе извезува мир и стабилност, тогаш не може политички кризи да се решаваат со конфликти, односно мора да се обединиме со заеднички политики, кои можеме заеднички да ја спроведуваме. Ако сакаме напредок, економски развој и подобар стандард за нашите граѓани, во ништо од тоа нема да успееме без безбедноста“, истакна Спасовски.
Додаде дека е повеќе од потребна позитивна разрешница во односите меѓу Србија и Косово.
„Затоа и сметам дека позитивниот исход во односите помеѓу Србија и Косово може да изврши пресудно влијание во целиот регион, а лично посакувам сите случувања во нашето соседство да се решат преку дијалог и на мирен начин бидејќи колку побргу има решавање на обврските и очекувањата, без разлика колку се тешки или комплексни, тоа ќе значи и побрзо навраќање на теми што се од интерес на нашите граѓани и значат подобар живот за нив. Конечно, сите имаме единствена цел – заеднички да бидеме дел од европското семејство, да ги имплементираме европските вредности и на граѓаните да им овозможиме повисоки животни стандарди, рече министерот.