Спасовски: Полицискиот час не е популарна, но е неопходна мерка

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, го коментираше предлогот на Комисијата за заразни болести да се воведе ноќен полициски час на територијата на целата држава.

„Свесни сме дека мерките не се популарни, но се неопходни“, смета Спасовски и додава:

„Дали имаме нешто поценето од здравјето? Дали кога се носат вакви мерки мислиме дека треба да го заштитиме здравјето? Дали кога седиме во кафеани или било каде, не размислуваме дека секој до нас е потенцијална опасноста за ширење на вирусот? Одлуките никој не ги посакува, но тие се резултат на сите нас“, рече Спасовски.

Тој уште еднаш апелираше почитување на мерките.

„Ако не ги почитуваме мерките, ако не носиме заштитна опрема, ако се групираме, ако правиме настани кои со сигурност го шират вирусот, тогаш порестриктивни мерки се неопходни“, смета Спасовски.

Мерката за полициски час треба да се донесе со седницата на влада која почнува во 12 часот, но извесно е дека ќе биде донесена и ќе стапи во сила од утре.