Спасовски со апел граѓаните Велигден да го прослават дома

Верските објекти не може да се затворат, но заедниците веќе се изјаснија околу социјалната дистанца, рече премиерот Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на денешниот состанок на Општинскиот кризен штаб во Куманово.

„Упатив порака пред неколку дена велигденските празници да ги прославиме дома во кругот на нашите семејства и традиција. Немаме одлука за затворање на верски објекти или за непрактикување на верата затоа што такви одлуки не може да се донесат. Дури во ниту една состојба да се наоѓа државата, тоа е право кое е неприкосновено. Апелирам до граѓаните за време на велигденските празници да останеме во кругот на семејствата бидејќи така најмногу ќе придонесеме за спречување на ширењето на болеста – рече Спасовски.