Спасовски: Сведоците на убиството на Тот ќе бидат санкционирани ако се утврди дека не презеле ништо

Министерството за внатрешни работи добило информација откако ракометарот Даниел Тот бил примен во Клиничкиот центар, а претходно немало никаква пријава за нарушен јавен ред и мир пред објектот во Градскиот парк. Ова го посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостување на ТВ „Телма“, зборувајќи за убиството на ракометарот Даниел Тот. Тој рече дека, пријавата во Брзата помош била утрото во 3 и 30 часот од вработена во објектот. Во МВР пријавиле од Клинички во 4 и 11 минути дека е примено лице, пронајдено во бесознание на јавна површина и од тој момент се вклучува екипа од МВР и започнуваат активности за расчистување на случајот.

-Во ниту еден момент не е застанато со истрагата и покрај тоа што од Клиничкот центар е укажано дека нема видливи траги на насилство, колегите од МВР продолжуваат со прибирање на докази и ние практично во рок од 24 часа го откриваме целиот случај и обезбедени се сите материјали, меѓу кои и од камерите на „Сејф сити“ и се предадени на ОЈО, изјави Спасовски.

Според Спасовски, сите снимки се извадени од објектот и од „Сејф сити“ и се предадени на ОЈО и од нив може да се види кој се учествува во настанот.

-Постојат очевидци и сведоци кои се повикани на разговор и се земени изјави. Секако ќе се прави вештачење на облеката и предметите на сега починатиот, како и таа на сега осомничените и сите тие ќе бидат дел од доказниот материјал на предметот, изјави тој.

Прашан дали ќе се бара одговорност и од сведоците, кои како што може да се види од снимката, не преземале ништо и не го пријавиле случајот, министерот рече дека секој кој има каква било одговорност ќе биде санкциониран и дека ќе се ценат сите аспекти преку јавното обвинителство.