Спасовски вели дека има опсежни истражни мерки за копањето тунел од затвореници во Идризово

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека се преземаат опсежни истражни мерки за расветлување на случајот во кој беше спречено организирано бегство од Казнено поправниот дом Идризово, преку копање подземен тунел од  затвореници во Идризово.
-Таму се преземаат опсежни истражни мерки, не само сега после откривањето, тој процес беше започнат и претходно. Се што спаѓа во тие истражни мерки притоа да можат да се обезбедат докази, се работи, во соработка со јавниот обвинител за организиран криминал и секако дека тоа ќе биде еден опсежен случај во којшто секако треба да се докаже и учеството на вработените во затворските институции, изјави Спасовски на новинарско прашање по промоцијата на кампања на МВР.
Сознанијата за активностите што биле преземени во затворите, како што рече, МВР ги имало околу два месеца.
-Цело време се работи заедно со Управата за извршување на санкции, Агенцијата за национална безбедност, и во тие рамки се подигна и степенот на обезбедување и во затворот и надвор од затворот. Надлежни се Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, меѓутоа МВР беше секогаш тука за да помогнеме и да не се наруши безбедноста, рече Спасовски.
Тој порача дека за секој што сторил кривично дело мора да има санкции и одговорност.
-Секој кој направил кривично дело ќе одговара. Тоа е очекувањето на граѓаните да сите оние коишто прават криминал, ја нарушуваат стабилноста, ја нарушуваат безбедноста на граѓаните да бидат изведени пред лицето на правдата, рече Спасовски.