Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за „Гласот на Америка“, беше прашан за борбата против корупцијата и изјави:
„САД се еден од најголемите стратешки партнери на РС Македонија, меѓутоа и кога зборуваме од аспект на МВР, секако дека САД, исто така, се едни од најголемите партнери што работат заедно со МВР во градењето на нашите капацитети. Вложувањето во борбата против корупција и организиран криминал е, секако, вложување што е и најголем приоритет на МВР. Оваа борба, за жал, е присутна во секое општество и таа борба не е ни малку лесна ако ја погледнеме – да беше лесна немаше да вреди. Секако дека борбата вреди, а со задоволство можам да кажам дека имаме напредок во овој случај. Токму заради тоа американскиот претседател Рузвелт ќе рече ‘Ако е лесна било која борба таа нема да вреди’”, рече министерот Спасовски.
Притоа, тој сподели статистички податоци кои укажуваат на позитивните резултати во борбата на МВР против корупцијата. „2021 година ја завршивме со зголемување од 50% на откривачката функција на полицијата за кривични дела поврзани со корупција и спречени коруптивни дејствија во вредност од 149 милиони денари. Во 2022 година, откриени се 124 коруптивни кривични дела, пријавени се околу 164 сторители за корупција, притоа имаме 158 физички лица, 6 правни лица и причинетата материјална штета е некаде околу 227 милиони денари. Во текот на деветте месеци од 2023 година откриени се 78 кривични дела со 124 сторители од кои што 120 се физички, а четири се правни лица, притоа е сузбиена организирана криминална група, а причинетата материјална штета е околу 150 милиони денари”, истакна министерот Спасовски, потенцирајќи ја неселективноста во постапувањето, односно дека не се поштедени ниту актуелни ниту поранешни функционери, градоначалници, директори на правни лица, на јавни претпријатија, вработени во институциите, меѓу кои и вработени и во МВР и во Армијата.
„Нема селективност во оваа битка. Оваа битка е спрема сите, секој еден кој што се занимава со корупција, со организиран криминал и генерално со криминал, мора да сноси одговорност и во тој дел апсолутно сметам дека и приоритетите на САД, како наш стратешки партнер, практично и ние – имаме една заедничка цел, а тоа е битката против корупцијата и на тој начин да покажеме и на граѓаните и да им стане јасно дека сите мерки и активности кои што ги правиме, ги правиме токму заради граѓаните. За тоа е секогаш потребно време. Ниту една промена не може да се случи преку ноќ, ниту да се постигнат посакуваните резултати, меѓутоа секако дека ваквите дејствувања на МВР, на Обвинителството, сите овие активности кои што ги преземаме во рамките на активностите за спречување на корупција и ја подига јавната свест и ја гради довербата во институциите на системот. Затоа што најголемата пречка за развојот на едно општество е токму корупцијата. Таа ги јаде и новите инвестиции, корупцијата ги јаде и работните места, а најмногу ја поткопува довербата во системот”, истакна министерот Спасовски.