Придобивките од Договорот за соработка во управувањето со границите меѓу ФРОНТЕКС и Македонија, откако Советот на ЕУ донесе одлука за потпишување на овој акт кој ќе биде преведен и на македонски јазик, беа една од темите на вчерашното интервју на министерот Спасовски во студиото на кумановската ТВ Плус.
„Прво, кога зборуваме за договорот со Фронтекс јас сакам да кажам малку историографски податоци: ние почнавме да преговараме и бевме држава којашто прва го парафираше текстот на договорот кој беше усогласен со ЕУ од сите држави во регионот. Меѓутоа, единствено нешто поради кое договорот со Фронтекс не се потпиша тогаш, беше токму тоа што јас и Владата инсистиравме договорот да се потпише на македонски јазик. И, во тој процес настана блокада од страна на Бугарија. Сега ги обновивме преговорите за потпишување на договорот со Фронтекс, и од аспект на тоа што е прв официјален документ или прв официјален договор не само што ќе се преведе, туку е прв официјален договор којшто ќе се потпише на македонски јазик, помеѓу ЕУ и РСМ, го потенцира неговото значење. Притоа, нема да има никакви дообјаснувања и фусноти, туку едноставно ќе биде на македонски јазик. Ова покажува дека тоа што говоревме при започнување на преговорите – дека македонскиот јазик е гарантиран, едноставно со овој договор ќе го потврдиме“, потенцираше министерот Спасовски.
Тој објасни дека станува збор за договор за гранично управување, популарно наречен договор со Фронтекс, за кој Советот на ЕУ веќе ја донесе одлуката за потпишување, а се очекува на првата владина седница да се разгледа и да се овласти министерот за внатрешни работи да го спроведе потпишувањето, при што веќе течат разговори за усогласување на агендите за потпишување.
„Јас очекувам дека првата недела или првите десет дена од ноември договорот да биде потпишан со eврокомесарот за внатрешни работи. Ова ќе биде еден огромен успех, но и огромен ветер во грб во делот на внатрешните работи. Прво, овој договор има значење поради потпишувањето на македонски јазик; второ, тоа ќе биде договор што ги зацврстува односите меѓу ЕУ и државата; и трето, поради тоа што преку овој договор заеднички ќе учествуваме во обезбедувањето на границите за миграции и за сите аспекти коишто значат добро гранично управување, справување со мигрантските бранови, меѓутоа и во заедничката борба со прекуграничниот криминал. На тој начин преку овој договор, ФРОНТЕКС ќе ни обезбеди една силна поддршка која ќе биде во корист и на Република Северна Македонија и на целиот наш регион“, подвлече министерот Спасовски, алудирајќи на делењето на заедничките предизвици со ЕУ во однос на миграциите, на кои може да се одговори единствено со заеднички сили, со спроведување на заеднички операции со тимовите на Фронтекс.