Спасовски: Забрането е вработен во МВР да членува во политичка партија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното интервју за МАКФАКС студио се осврна и на реформите и реализираните проекти во МВР.

Тој посочи дека е забрането вработен во МВР да членува во политичка партија.

„Уште од самиот старт реков дека имам три главни приоритети во  работењето на МВР. Тоа е департизацијата на институцијата, второ е професионализацијата и трето е декриминализацијата на институцијата. И тогаш можеби, во 2017 година, се запрашуваа зошто сите овие постулати ги наведуваме, а имаше сериозни причини во овој дел. Кога зборуваме за департизацијата, во Законот за внатрешни работи и Законот за полиција се направени крупни измени во тој процес. Таму е ставена забрана за членување во политичка партија на било кој вработен во Министерството за внатрешни работи“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски ја искористи можноста уште еднаш да го истакне своето уверување дека вработените во безбедносниот сектор не смеат да членуваат во политички партии.

„Тие единствено мораат да им служат на граѓаните заради тоа што тие се тука за да ги остварат нивните права. Тие кои што се вработени во Министерство за внатрешни работи низ годините наназад, без разлика која владејачка гарнитура била на власт, тие не можат да делуваат во интерес на партијата и треба да го заборавиме тоа време во кое едната сала ќе биде штабот на партијата, а друга сала ќе биде место за пречек на странските дипломати; или да заборавиме дека сите ресурси на МВР можеме да ги користиме во партиски битки. Така што ако ги погледнете годините наназад изборните процеси кои што ги спроведе МВР под мое водство ќе видите дека од година во година има се’ помалку инциденти, кривични дела кои што се однесуваат на изборните резултати. Тоа значи дека вработените во МВР служат единствено на граѓаните“, нагласи Спасовски во интервју за МАКФАКС.