Дали премиерот беше приморан да го решава прашањето на професионалните војници и стечајците во очаен обид да го стави во сенка скандалот за спрегата Влада-медиуми, прашува генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.
„Никола Груевски по 7 години власт, кои ги посвети на градење споменици и на непродуктивни проекти, занемарувајќи цели категории граѓани, конечно се сети на професионалните војници и стечајците. На вчерашната прес конференција тој ја призна грешката за овој проблем и го прифати предлогот на СДСМ за професионалните војници. СДСМ мерката која вчера ја предложи Груевски, ја предложи во програмата за Решенија за Македонија, во изборната програма од 2011 година и во последниот пакет предлог мерки од новата Програма“, вели Спасовски.
Премиерот Груевски вчера објави дека Владата ќе изготви законски решенија со кои ќе се реши статусот на лицата кои останале без работа во периодот од 2004 до 31 декември 2013 година и професионалните војници кои по навршување 45 години ќе бидат вработени во државните институции.