4.8 C
Skopje
сабота, ноември 30, 2024

СПЦ упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА и стави крај на 55-годишниот спор

Српскиот патријарх Порфириј вчера по сослужувањето на заедничка литургија со aрхиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во Соборниот храм во Скопје, ја одобри и упати благослов за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

-Она што беше раздвоено од 1967 година Господ не удостои да биде исцелено, нагласи српскиот патријарх.

Архиепископот г.г. Стефан, пак, по објавата за прифаќање на автокефалноста од страна на Порфириј, рече: „Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекувана вест“.

– Благодарение на вашите молитви воспоставивме единство, а сега браќа и сестри ви носиме уште една радост – Светиот архиерејски собор на Српската православна црква едногласно во пресрет на барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Соборот на нашата црква ја благословува и одобрува афтокефалноста на МПЦ-ОА, рече српскиот патријарх Порфириј.

Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.

Потоа, додаде патријархот Порфириј, ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот каконски ред и тие да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА.

– Денес да се радуваме бидејќи денеска се радува целата црвка, се радуваат небото и земјата кога браќата се сакаат, кога го слават името на Господ, да се радуваме што по 55 години служевме света литургија прво во Белград, па во Скопје, два пати за само неколку дена, нагласи српскиот патријарх.

Господ не поставил граници народот да се дели, продолжи во обраќањето патријархот Порфириј, туку границите значат можност секој народ подобро да се организира како свој посебен печат, посебни дарови што ги добил од Бога, ги умножувал, ја создал различноста и на секој му дал со свој личен печат да биде збогатен со другите, за да тогаш во заедница и убавина на сите народи сите да бидат едно.

– Во едно сме единствени, во Христа сме едно, и навистина браќа и сестри, еден е Господ и една е црквата негова, една е верата наша и љубовта наша и затоа денеска неописливо се радуваме, бидејќи пред наши очи се случува чудо и ние сме дел сме од тоа чудо, учесници на тоа чудо. Она што беше раздвоено од 1967 година Господ не удостои да биде исцелено, нагласи српскиот патријарх.

Пред неколку дена во Белград, денеска во Скопје служевме света литургија, повтори патријархот Порфириј и во Белград каде што имаше повеќе илјада луѓе и овде каде што сме собрани денеска видов радост, љубов во очите на сите нас, гледам обврска задача и порака на нас архиереите, а тоа е дека вашата љубов и вашите молитиви во Белград и овде го надминаа искушението и овозможија Господ да направи чудо.

– Да покаже дека разбираме дека сме едно, дека не можеме едни без други, дека сме едно тело, дека Христос е нашата нашата мерка и оти неговите заповеди се закон по кој сакаме да живееме. Дека тој е алфа и омега на нашето постоење и во историјата и во вечноста, додаде српскиот патријарх Порфириј.

По објавувањето на радосната вест од страна на патријархот Порфириј, следеше долг и громогласен аплауз од верниците кои се наоѓаат во и околу Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.

Г.г. Стефан на заедничка литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Соборниот храм рече дека нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена и на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар.

– Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Царицата на градовите – Константиновиот град: примено е нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена – па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар, истакна Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Овој денешен свет ден, како што рече тој, е и бањата Витезда, зашто ни пристапи човек – таткото на православните, Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој нè спушти во водата, бидејќи не 38, туку 55 години седевме чекајќи во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи за нас!

– Потоа ни пристапи и друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, да нè пресретне здрави и исцелени и срдечно да нè прегрне – и да нè испрати при првосвештеникот за да го потврди нашето исцеление, како што слепиот беше пратен во бањата Силоам, додаде г.г. Стефан.

Архиепископот охридски и македонски посочи дека и нашата 80-годишна заложба за самостојна Црква никогаш немала и нема за цел да нè оддели од Телото Христово, туку да ни дозволи и ние, подобно на другите православни народи, слободно да можеме да ја извршуваме својата мисија меѓу својот народ, овде, во Татковината и насекаде по светот, до каде што нѐ има.

– Овој историски период кој сите ние го минуваме е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на национално потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена својата Охридска Архиепископија, да ја видат автокефална или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на Охридскиот Архиепископ. Тие наши предци сега од небесната Црква се радуваат заедно со нас, гледајќи ги нашата радост и нашето единство, нагласи г.г. Стефан.

Тој потсети дека неодамна во Светосавскиот храм во Белград се случи братското помирување, кое произлезе од мајчинската иницијатива на Мајката Црква – Вселенската Патријаршија и на Неговата Сесветост.