СПЦ за дијалог со МПЦ условува со Вранишковски

Српската православна црква прифати условен дијалог со Македонската православна црква.

Како што објави МРТ повикувајќи се на официјално соопштение од СПЦ, Светиот Архиерејски Сабор на СПЦ на денешната седница начелно одобрил продолжување на дијалогот со т.н. МПЦ-како што стои во соопштението, со цел изнаоѓање на канонско прифатливо решение за статусот на МПЦ-ОА, но разговорите ќе се случат тогаш кога МПЦ ќе ги прекине сите процеси против Вранишковски.

Исто така овој пат СПЦ бара да прекинат и постапките против сите членови на ПОА…

Од српскиот синод наведуваат оти таквите разговори ќе се случат и ќе бидат позитивни,  под услов да се прекине прогонот против Вранишковски, како и да се отстапи од нови судски процеси против членовите на неговата Православна Охридска Архиепископија (ПОА).

Како дел од одлуката е и предлогот за формирање на нова комисија на Светиот Архиерејски Сабор за дијалог со МПЦ, на чие чело ќе биде црногорско-приморскиот Митрополит Амфилохије, со бачкиот Епископ Иринеј-инаку предводници на т.н. тврда струја во српската црква. Во комисијата се и захумско-херцеговскиот Епископ Григорије и Давид- стобскиот Епископ на црквата на Вранишковски.

Во соопштението не се наведува можноста од посредување на Руската православна црква во дијалогот-како што претходно се навестуваше.

МТР повикувајќи се на свои извори во Белград од кругови блиски до патријархот Иринеј, објави дека Руската православна црква засега би можела да биде само гарант за евентуалниот договор меѓу српската и македонската црква.