Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денес во полицискиот центар „Ѓорче Петров” ги виде осумте возила кои чешкото МВР му ги донираше на македонското МВР. Овие возила се за потребите на Одделот на специјалните полициски операции.
Набавени се осум специјализирани интервентни возила за потребите на организационите единици во рамки на Одделот за специјални полициски операции во вредност од околу 14.240.000 денари, односно 6 интервентни комбиња за јавен ред и мир за потребите на Единицата за брзо распоредување и 2 возила за интервентни операции на САЕ „Тигар”.
Пред присутните беше изведена демонстрација на брзо излегување и влегување, како и тактичко движење, а беа презентирани и техничките карактеристики на возилата.
Спасовски се заблагодари за континуираната поддршка што Чешката Република ја дава на МВР, етаблирајќи се како еден од најзначајните поддржувачи и партнери на нашата држава.
„Уверен сум дека и во годините што се пред нас ќе продолжиме заеднички да работиме на унапредување и продлабочување на нашето пријателство и соработката, што е примарно од интерес на националната безбедност, како на двете земји, така и во поширок контекст на безбедноста на Југоисточна Европа”, подвлече министерот Спасовски.
Заменик Шефот на мисијата на Амбасадата на Чешката Република, Лубомир Пшенка, го поздрави денешното примопредавање на возила, а воедно изрази задоволство од соработката меѓу претставници на двете министерства, особено до министерот Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.