Специјализантите ќе одработуваат онолку години колку што им траела специјализацијата

Државата ќе ги кофинансира приватните специјализации
Државата ќе ги кофинансира приватните специјализации

Промена на договорите на специјализантите, дополнителна заработувачка на докторите и медицинските тимови кои попладне ќе останат да работат, можност пациентите да изберат лекар, укинување на менаџерскиот испит за директори и пензионирани доктори да можат да работат како консултанти, ако тоа го бара институцијата во која работеле… Тоа се предвидува со измените на Законот за здравствена заштита кои се во собраниска процедура, а денеска на средба со новинарите ги презентираше министерот за здравство Венко Филипче.

Измените се изготвени на барање на комори, здруженија, млади лекари и невладини организации.

Министерот Филипче рече дека досега за специјализација од шест години тие требало да одработат 12 години, а според измените, за специјализација од шест години тие ќе треба да одработат шест години. Тој појасни дека досега имало договори што ги потпишале специјализанти, според кои, требало да вратат петкратен или десеткратен износ, односно ако специјализацијата чинела 12.000 евра, тие требало да вратат до 120.000 евра. Според измената, сега за специјализации од 12.000 евра ќе се враќаат 24.000 евра.

Во врска со измената што се однесува на дополнителната дејност на лекарите, Филипче рече дека досега во матичната институција ако некој сака да избере лекар практично не му важеше осигурувањето.

– Сега дозволуваме да важи осигурувањето и само да се даде ценовник за избор на тимот кој ќе лекува. На овој начин им се отвора огромна можност на докторите и целите медицински тимови и сите што ќе останат попладне, за дополнителна заработувачка, а на пациентите да имаат слобода да изберат лекар, истакна Филипче.
Осврнувајќи се на измената со која им се дозволува на пензионираните доктори да работат како консултанти ако тоа од нив го бара институцијата каде работеле, Филипче додаде дека досега тие не можеле да работат како консултанти во општината во која се пензионирале.